Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Од 10 до 14 јули – културно-забавни настани по повод Петровден, празникот на Кочани…
Со низа различни жанровски културни и забавни настани Општина Кочани ќе го одбележи Петровден, празникот на градот.
Програмата ќе трае пет дена, од 10 до 14 јули. Централните настани се на 11 и 12 јули. Во пресрет на Петровден ќе се одржи вечерна празнична богослужба во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ на која ќе чиноначалствува митрополитот Брегалнички г. Иларион, а потоа и литија и кршење на славскиот колач во Градскиот парк во Кочани.
Годинава, на концертот на духовна музика ќе настапи познатата македонска пејачка Сузана Спасовска со црковен клирос „Пелагонитиса“, а вечерта на 11 јули од 20:30 ч., на Споменикот на слободата, публиката ќе може да ја проследи операта „Дидона и Енеј“, во изведба на СКЦ од Ниш, Србија.
На 12 јули во 20 ч. на терените во ООУ „Св. Кирил и Методиј“, ќе се одигра финалниот натпревар од Петровденскиот турнир во мал фудбал, а од 21 ч. на Споменикот на слободата концерт ќе има групата „Нокаут“.
Во рамките на Петровденската програма се планирани и други културно-уметнички и забавни настани, меѓу кои се меѓународниот фестивал на влашки песни „За Петровден сите на планина“, настанот „24 часа урбан здив“ во центарот „Аква“, 17. Петровденски планинарски марш и др.