Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Новинарството во Кочани е примамлива, но неатрактивна професија. Колку од ангажираните се млади, а колку жени ?
Од година во година, новинарството е сѐ понеатрактивна професија, особено во источниот дел од земјава, за што безусловно говори и фактот што минатата година на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип имало запишано само 4 студенти. Дел од професорите со кои „Радио Кочани“ стапи во контакт велат дека овој тренд се движи во надолна линија, бидејќи денеска буквално секој може да биде новинар, без разлика дали и каков факултет завршил, па дури и луѓе кои немаат високо образование. Истовремено, ниските плати и лошите услови за работа, брзиот развој на социјалните мрежи, кои имаат влијание врз традиционалните медиуми, се клучот на одговорот зошто новинарстовото е таму каде што е денес. Младите новинари кои денеска ги има сѐ помалку во редакциите, поради нерамноправноста и ниските плати се одлучуваат на било каква друга работа. На оваа тема поразговаравме со студентот по новинарство Драган Николов, кој работи во локална редакција, а еден период и во дејности кои немаат никаква поврзаност со новинарството.
Во Кочани, во моментов егзистираат три електронски локални медиуми и неколку портали. Колку што можевме да истражиме во сите нив, (кажано народски), лебот го вади само една новинарка Ангела Димитрова Митевска. Останатите новинари и медиумски работници се мажи. Со појавата на онлајн медиумите и веб-порталите, речиси секој станува новинар. Тоа доведува до губење на основната функција на значењето – новинар. Оваа професија е доведена и сведена на хоби, каде што секој може да отвори свој портал и да стане новинар. Затоа, час поскоро треба да се изнајде начин и да се стави крај за влез на нови медиуми и таканаречени новинари во оваа дејност. Слободата на изразување е битен сегмент во секојдневното живеење, но сето тоа да се регулира според постоечките законски прописи, како впрочем што се регулирани традиционалните медиуми, кои поради високите давачки кон регулаторите, не можат веродостојно да им исплаќаат плати на новинарите и медиумските работници.