Чествување на Светскиот ден на книгата во Библиотека „Искра“ – Анастасија Хаџипаунова нај читател кај децата, кај возрасните Стојка Гајдук, почесен читател е Бисера Наумова
Денес, во ЈОУ Библиотека,,Искра” во Кочани, во пресрет на 23 Април, Светскиот ден на книгата и авторското право, традиционално беше реализиран настан посветен на чествувањето на книгата, авторите, читателите и издавачите.
Традиционално, на наше големо задоволство, според однапред определени критериуми, беа прогласени најдобрите читатели за 2023 година. Во категоријата деца за најдобар читател е прогласена Анастасија Хаџипаунова, во категоријата возрасни Стојка Гајдук.
На наше задоволство воведовме и трета категорија, највозрасен-почесен читател, кое признание го доби нашата почитувана читателка Бисера Наумова, која со огромна посветеност ја негува љубовта кон книгата и секоја седмица е наш редовен посетител.
Во чест на одбележувањето на 23 Април, беа прочитани двете пораки посветени на Светскиот ден на книгата за 2024 година. Светската порака, напишана од генералната директорка на УНЕСКО, г-ѓа Одре Азуле и македонската што оваа година ја напиша нашата позната поетеса, пијанистка и композиторка Ива Дамјановски. Како и многу години наназад, членовите на ЛК,,Копнеж” ни приредија прекрасно литературно читање на лични творби, напишани и содржани во најновиот билтен посветен на Светскиот ден на книгата и авторското право,
Ова го кажа директорката на кочанската библиотека, Кртистина Ѓоргиевска Атанасова, денеска, зборувајќи за Светскиот ден на книгата и како тој е одбележан во установата со која таа раководи.
Под покровителство на УНЕСКО, 23 април е назначен за Светски ден на книгата и авторското право, за прв пат прославен во 1995 година. Датумот има цел да ги промовира книгите, да укаже на заштитата на авторските право и да ги поттикне издавачите.
УНЕСКО се решава да го официјализира датумот како Светски ден на книгата, поради Каталонскиот фестивал во Шпанија, смртта на Мигел де Сервантес, но и смртта на Вилијам Шекспир, токму на истиот овој датум. Инаку, 23 април, познат како Денот на розите, е најслучајно одбран како датум уште во далечната 1923 година во Шпанија, кога продавачите на книги меѓусебно се договориле да му искажат почит на познатиот автор на ,,Дон Кихот”-Мигел де Сервантес, кој починал на овој датум.
Идејата поттикнала размена-подарување книги наместо рози, како што прпоповедала дотогашната традиција за Празникот на розите.
Да ги промовираме и валоризираме книгите, авторите и издавачите, да ги охрабриме сите, пред се младите генерации да го пронајдат задоволството во читањето книги и откривањето нови светови, мудрости и знаења во книгите, нагласи Ѓоргиевска Атанасова.
Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња.
ПрифаќамПовеќе