Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Пешачењето е здравје: Општина Кочани и Клубот за планинарски спортови „Осоговски орел“ в сабота организираат прошетка околу езерото Гратче
В сабота, на 13 април, Општина Кочани во соработка со Клубот за планинарски спортови „Осоговски орел“ од Кочани, под мотото „Пешачењето е здравје“, организира прошетка околу езерото Гратче.
Движењето ќе биде во група што ќе ја водат членови од КПС „Осоговски орел“, а во активноста можат да се вклучат сите заинтересирани коишто се физички подготвени да поминат среднотешка патека долга 7 км, за време од 2 до 2,5 часа.
Стартот на прошетката е во 9 ч. од местото Тополник. Искачувањето започнува од источната страна преку Галабо до Мактеон, каде што ќе се прави кратка пауза за ужина. Потоа патеката се спушта кон езерото Гратче, па на север кон Водопадот на Голема Река.
Заинтересираните граѓанки и граѓани треба да го пријават учеството кај претседателот/секретарот на КПС „Осоговски орел“, на телефонските броеви 078 450 727 и 075 326 016.
Активноста се реализира согласно Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите за 2024 г. и има за цел да ја промовира физичката активност како фактор за добро здравје.