Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Николовски – Од извоз на ориз лани беа инкасирани 7,5 милиони евра
Минатата година, извозот на ориз надмина 7,5 милиони евра, за разлика од 2016 година, кога извозот беше само 3,4 милиони евра.
– Просечната извозна цена во 2023 година беше 0,94 евра за килограм, за разлика од 2016 година, кога беше 0,48 евра за килограм. Го издигнавме оризот на листата со стратешки култури важни за државата и за 300 % ги зголемивме субвенциите за оризопроизводителите – вели министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.
Според него, овие бројки се должат на субвенциите што им ги доделуваше МЗШВ на оризопроизводителите во изминативе години.
– За 300 % се зголемени субвенциите за ориз, 25.000 денари за хектар, со употреба на сертифициран семенски материјал – вели Николовски.
Оризопроизводителите, како и сите други, авансно ги добија своите субвенции.
– И оваа година бележиме висока откупна цена на оризовата арпа, од 38 до 40 денари за килограм. Македонскиот ориз, како важна култура, го заштитивме од увоз, со предвидена 35-процентна заштитна царина. Даваме поддршка во трошоците за амбалажа за извезен ориз. Од оваа година, како што ветивме, 100 % поддршка зелена нафта, а оризопроизводителите ќе добијат по 3.200 денари за хектар. Поддршка за набавка на комбајни и на сушарници. Го вративме земјоделското земјиште во владение на Институтот за ориз и е обезбеден соодветен кадар, со што продолжи професионално со својата истражувачка дејност – потенцира Николовски.