Радио Кочани
Кочани

ДЕНЕСКА Е СВ. ТРИФУН И СВ. ВАЛЕНТИН Почнува закројувањето на лозјето

538

Православните верници денеска го слават Свети Трифун – заштитникот на лозарите, а католиците Свети Валентин – Денот на вљубените.

На овој ден лозарите одат на лозјата и ги закројуваат лозите, а во винарските визби низ државата се организираат прослави на кои се слави денот на виното.

Вишиот кустос етнолог Томе Крстевски од Музеј – галеријата Кавадарци појаснува дека културата на виновата лоза е многу стара. Повеќето народи, почетоците на одгледувањето винова лоза ги бараат во митските времиња. Според Грците, тоа го сторил Дионис, а според Римјаните, тоа бил богот Бахус на кого му се принесувале жртви, погача, вино и жито.

– Гроздот е симбол на мудроста, а лозовата пенушка е атрибут на божествата на земјоделието и плодородието и го означува виното на животот, следствено и на бесмртноста. Симбол на жртвопринесување преку врската на виното и крстот. „Свети Трифун“, 14 февруари, на овие простори се слави како заштитник на лозарите и овоштарите, како во Тиквешијата, така и пошироко. Иконописците на многу икони и фрески во нашите цркви и манастири, Свети Трифун го прикажале како младо момче, кое во десната рака држи срп, со кој ги кроел лозјата и ги калемел овошките – појаснува Крстевски.

Тој додава дека во минатото Свети Трифун го славеле и меанџиите.

– Сите лозари се собирале во меаните и денот го завршувале со веселби. Oвој ден e богат со многу прослави и веселби, а со тоа и одбележувањетo на овој светител, закрилник на лозарите и овоштарите од овој крај – појаснува Крстевски.

Помладите генерации го слават Денот на вљубените со подарување на цвеќиња, плишани мечиња, чоколади и подароци со кои ја симболизираат љубовта.

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio