Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Во хотелот Центробизнис во Виница по 42 пат традиционално се одржа Лозаро-овоштарска вечер…
Синоќа во хотелот Центробизнис во Виница по 42 пат традиционално се одржа Лозаро-овоштарска вечер на која присуствуваа голем број лозари и овоштари од Виничко. Виничани ја негуваат оваа традиција речиси половина век и секоја година со нетрпение ја очекуваат незаборавната дружба која ја носи оваа вечер.
Кумството од старите кумови беше предадено на новите, а истакнати беа производителите на најдобрите вина и ракии во Општина Виница.
Претходно имаше дегустацијата на вино и ракија во која се дегустираа мостри од вина и ракии од страна на стручни лица кои имаа задача да утврдат од која мостра „едноставно ќе пиете и ќе уживате“. Се тестираа мирисот, вкусот, бојата и други карактеристики кои ја дефинираат самата мостра, а производителите се натпреваруваа за најдобро бело и црвено вино, како и за лозова и сливова ракија.
Жири комисијата имаше тешка задача да ги избере најдобрите меѓу најдобрите.
Првото место за најдобро бело вино му припадна на Венцо Нацев, а за црвено вино на Орце Михајлов. Најдобар производител на лозова ракија беше прогласен Виктор Димитров, а на сливова Драги Иванов.
Овој настан во Општина Виница се одбележува повеќе од четири децении и за производителите на вино и ракија претставува значаен репер кој го бележи усовршувањето на нивниот занает. Соната Бенд од Велес направија прекрасна забава, а лозарите и овоштарите заедно наздравија за уште една плодна година и си посакаа наредната година да биде уште поплодна.