Радио Кочани
Кочани

Денес се сеќаваме на Тоше, на денот кога требаше да го прослави својот 43-ти роденден

448

На денешен ден во 1981 година  е роден Тоше Проески.  Денес се одбележува 43 роденден на нашата и балканска голема музичка ѕвезда, хуманиот човек со големо срце чиј живот предвреме згасна.

Музичката кариера Тоше  ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место.

Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Во својата кариера ги објави  албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ден за нас“ (2004), „По тебе“ (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007).

Сингловите од албумот „По тебе“ и по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина. Неговото издание „Божилак“ е компилација од 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година. Негови најпознати хитови се „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце не е камен“, „Кој ли ти гризе образи“ и други.

Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера во светски рамки. Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава. Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Постхумно Владата на Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин на државата, а во Крушево во негова чест е изграден меморијален центар што го носи неговото име.

Може ќе ви се допадне

Интернет страницата користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Со прифаќање се согласувате со политиката на приватност колачиња. Прифаќам Повеќе

Kocani Radio