Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Многумина од нас, особено оние од повозрасните генерации сѐ уште добро паметат што значи да се има асфалтирана улица и како е да се гази по земја и кал, додека не се обезбеди асфалтот.
Во Кочани, за разлика од некои рурални населби, скоро и да нема неасфалтирани улици. Сепак, во последно време драстично е забележливо, а и граѓаните од ден на ден сѐ почесто реагираат до нас медиумите, дека од различни причини асфалтот се сече по должина или попреку за поставување подземна инфраструктура (кабли и цевки), од кои дел поминуваат токму под асфалтираните улици.
Оваа појава веќе е присутна во делови од градот, но и во индустриската зона каде се поврзуваат деловните објекти. И сето ова не би било така страшно и вредно за одбележување доколку работите се враќаат повторно во првобитна состојба.
Но, изгледа не е така, зошто како што сме известени, но се уверивме и на лице место, се крпи со несоодветен асфалт со сомнителен квалитет, а и подлогата и дебелината се само колку да се замачкаат очи, па за кусо време од дождот и возилата се јавуваат вдлабнувања и дупки на кои сериозно треба да внимаваат и возачите и пешаците.
Ќе има ли одговорност за изведувачот, или надзорот, поточно за одговорните за враќање на асфалтот во првобитна состојба? Ова се прашања на кои граѓаните бараат одговори.