Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Општина Кочани ги изманипулира граѓаните и родителите на Кочани и покрај тоа што на 25-тата Седница на Советот на Општината беа донесени заклучоци дека родовите компоненти треба да се исфрлат од Програмата за еднакви можности на мажите и жените.
Имено, денес како дел од кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, Општина Кочани, преку заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа – РОМАКТЕД фаза 2, реализираше работилница на тема „Како да го препознаеме и да превенираме родово базираното насилство меѓу децата“, во која беа вклучени ученици од шесто до деветто одделение од ОУ „Раде Кратовче“.
Наместо Општината да работи во корист на народот, од кој здружението на родители Родителски фронт има собрано над 3000 потписи против родовата идеологија, тие решија да ги “едуцираат” учениците од шесто до деветто одделение од ОУ “Раде Кратовче” за тоа што е род, категорија која не е правно призната и не ја препознава ниту највисокиот државен правен акт Уставот.
Коалицијата за заштита на децата пред 3 недели испрати мејл до дел од советниците на Општина Кочани и градоначалникот Љупчо Папазов, меѓутоа само еден од советниците одговори на нашата молба за состанок, за што сме му благодарни. Останатите, вклучувајќи го и градоначалникот, се покажаа глуви за народот и родителите! Ваквото манипулативно однесување е недозволиво, здруженијата Коалицијата за заштита на деца и Родителски фронт бараат одговорност од градоначалникот и советниците.
Секое понатамошно молчење и игнорирање на нашите барања, како родители, ќе значи нивно одобрување на индоктринација на децата со родовата идеологија. Сето ова се случува со 9-10-11 годишни деца, а од наша страна постојано се објавува за такви примери посочувајќи ги изворите – официјални владини веб сајтови, реномирани светски медиуми, видеа со доктори, психолози и родители, но Општина Кочани реши да замижи пред оваа катастрофа што се случува со децата и семејствата.
Со ваквото однесување, Општината само придонесува уште позабрзано тоа да стигне и до Македонија! Но, дали ќе можат против родителите?