Вие сте на официјалниот портал на Радио Кочани.
Со проектот „Зад урбаното“ – за првпат Општина Кочани е дел од европската програма URBACT IV
Одборот за мониторинг на европската програма URBACT IV одобри 30 интегрирани мрежи за планирање на акции, во кои ќе учествуваат вкупно 252 организации (градови, региони, универзитети…) од 28 европски земји. Меѓу нив и мрежата Beyond the Urban, мрежа предводена од Creacció и во која партнер е Општина Кочани .
Главната цел на Beyond the Urban (URBACT IV) мрежата е да развие акциски планови за мобилност помеѓу руралните области и урбаните центри на градовите и териториите учесници, во кои ќе бидат вклучени локални актери од администрацијата, бизнисот, универзитети и граѓаните.
Beyond the Urban има за цел да истражува иновативни решенија во областа на одржлива мобилност. Мрежата обединува 10 европски општини и региони кои ќе соработуваат со цел да ја подобрат урбано-руралната мобилност преку тестирање и имплементација на одржливи, достапни и интегрирани решенија за мобилност, со фокус на интермодалност, управување на повеќе нивоа, инклузија, родова еднаквост и дигитални алатки. Дополнително, проектот ќе овозможи финансирање на мали пилот-акции за тестирање на конкретни и иновативни решенија во регионот.
Оваа мрежа, покрај Општина Кочани, ја сочинуваат областа Осона (Шпанија и градовите Брам (Франција), Букурешт (Романија), Храдец Кралове (Чешка), Кочани (Северна Македонија), Мачико (Португалија), Санта Марија да Феира (Португалија), Саболч (Унгарија), Тарту (Естонија) и Тревизо (Италија).
Во периодот од 30 октомври до 1 ноември, како дел од проектот, се одржа и првата посета во Кочани на која присуствуваа претставник од лидер-партнерот (проектниот менаџер) и експертот на мрежата, назначен од страна на URBACT програмата. За време на посетата, тие беа во можност да се запознаат со раководството на нашата институција, но и со самите граѓани, односно сите засегнати страни за да ја согледаат реалната состојба во нашата општина, како и предизвиците со кои се соочуваме така и позитивните практики.
Во текот на две и пол години, сѐ до декември 2025 година, овие партнери ќе разменуваат, ќе учат еден од друг, ќе ги развиваат своите вештини и ќе активираат сеопфатни акциски планови за соочување со нивните локални предизвици.