Агенција за вработување - Оглас за нови работни места преку кредитирање

19 Јун 2018
257 пати

Агенцијата за вработување на Република Македонија на ден 07.06.2018 година објавува:

Ј А В Е Н О Г Л АС
за отворање на нови работни места во правни субјекти (микро и мали претпријатија) кои сакаат да го прошират и развијат сопствениот бизнис преку користење на кредитни средства

Пријава за учество во овој Проект може да достави правен субјект (микро и мало претпријатие) кој е регистриран најмалку 1 година, кој има најмалку 1 вработено лице минимум 3 месеци пред денот на објавување на јавниот оглас и кој воедно не го намалил бројот на вработените во последните 6 месеци.
Пријава за учество во овој Проект може да достави и невработено лице кое е евидентирано во Агенцијата за вработување на РМ како лице кое активно бара работа, најмалку 1 ден пред објавување на јавниот оглас и не бил во работен однос најмалку 3 месеци до денот на објавувањето на јавниот оглас.
Кредитот ќе изнесува 3.000 евра по едно новоотворено работно место со максимален износ до 9.000 евра за вработување на 3 невработени лица.
Доколку работодавачот отвори работни места за млади лица до 29 годишна возраст, кредитот ќе изнесува 4.000 евра по едно новоотворено работно место со максимален износ до 12.000 евра за вработување на 3 невработени млади лица.
Правниот субјект кој ќе вработи невработено лице со полно работно време, има обврска да го задржи на работа најмалку 36 месеци од денот на засновање на работниот однос. Доколку дојде до прекин на работниот однос по било кој основ, работодавачот е должен на негово место да вработи друго невработено лице со полно работно време од евиденцијата на Агенцијата за вработување, во спротивно треба предвремено да го врати кредитот во целост.
Условите под кои може да се добијат кредитните средства се следните:
• Рок на враќање на средствата е 3 години со вклучен грејс период од 1 година,
• Каматна стапка од 1% на годишно ниво,
• Гаранција за поврат на средствата со хипотека во однос 1:1 со одобрениот кредит, или сопствена меница авалирана од најмалку еден авалист за која правата и обврските по однос на истата се уредени со менична изјава дадена во форма на нотарски акт и со извршна клаузула или рачен залог во однос 1:2 во износ на одобрениот кредит или банкарска гаранција.

Правниот субјект при пријавувањето должен е да:
- е регистриран најмалку 1 година до денот на објавување на јавниот оглас,
- на денот на пријавувањето не е во стечајна постапка или ликвидација,
- ги има измирено сите даноци и придонеси,
- има остварено добивка во 2017 година.

Доколку, правните субјекти по извршеното поврзување со невработените лица кои имаат доставено пријава по објавениот јавен оглас не успеат да ја задоволат својата потреба од работник со соодветен профил, Центарот за вработување ќе пристапи кон посредување со пребарување заради наоѓање на невработени лица од евиденцијата на Агенцијата за вработување на РМ.
Заинтересираните правни субјекти и невработени лица, Пријави можат да поднесат во работните клубови на 30-те Центри за вработување во Република Македонија, секој работен ден од 09:00 до 14:00 часот.
Детални информации можат да се добијат во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Република Македонија, контакт центарот 02/3111-850 и web страната www.avrm.gov.mk

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.