Димитровски: „Нови работни места и задржување на младите-наши приоритети!“

30 Дек 2014
1744 пати

„Координираната соработка со државните институции, со

меѓународните чинители, стопанскиот сектор и граѓанските здруженија се индикатор за високото ниво на организираност на Општината и потврда дека сме на вистинскиот пат да создадеме квалитетни услови за живеење“, смета градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски. Ова се наводи издвоени од неговото годишно обраќањето пред членовите на Советот на Општината на последната седница одржана на 26 декември. Наместо интервју подолу ви го пренесуваме во целост обраќањето на Димитровски...

Традиционалното обраќање на крајот на календарската година претставува пресек од работењето за годината што изминува и најава за дел од планирањата за идната година.
Заложбите за нови постигнувања во сите сфери на надлежност на локалната самоуправа остануваат наш врвен приоритет, заради општо подобрување на квалитетот на живеењето во нашата зедница.
Сепак, она што остава посебен белег на годинава што изминува, од причина што вработувањето е приоритет број еден во нашата заедница, е реализацијата на неколку странски инвестиции кои на подобро ја менуваат економската слика на Кочани.
Кочани стана седиште на корпорацијата „Амфенол“ која произведува кабли за автомобилската индустрија и антенски структури за базните станици за мобилна телефонија. Во неа се ангажирани триста вработени, а според најавите на инвеститорот тој број треба да стигне до 600. Холандската фирма „Антура“ во сопствениот капацитет на Подлошки Пат, започнува да произведува орхидеи за западноевропските пазари. Таму во моментот се ангажирани 50, а инвеститорот најавува вработување на 150 лица од Кочани.
И поранешен „Руен“, сега „Руен инокс аутомобиле“ - сопственост на конзорциумот „ТИНГ инокс“ и „Офис експрес”, по неколкугодишен прекин го обнови производството. Новиот менаџерски тим цели кон отворање на сите пазари коишто порано ги имал „Руен“. За почеток, бројот на вработените е 150, од проектираните 200 вработувања за идната година.
Создавањето услови за отворање нови работни места и задржување на младите во нашата општина, остануваат наши приоритети и во годината што доаѓа.
Неколку од одлуките на Советот изминатава година ја разбрануваа кочанската јавност, затоа што допираат до навиките на граѓаните. Воведувањето на платениот паркинг за делови од централното градско подрачје, има за цел да воведе сообраќаен ред во строгиот центар, а новите цени на водата и канализацијата што ги изгласа Советот на Општината, ја дефинираат иднината на Кочани и за сите наши граѓани. Тие претставуваат поддршка на проектот за одвојување на фекалната од атмосферската канализација, којшто е со капитално значење, а се реализира со грант од 1 милион и 200 илјади евра.
Со него се поставуваат атмосферски одводи на траса долга 6.800 м. Досега тие се поставени на улиците „Тодосија Паунов“, „Роза Петрова“, „Страшо Ербапче“ и „1 Мај“. Со овој проект е планирано комплетно решавање на фекалната канализација во општината, плус изградба на пречистителна станица и поставување на 12 собирни канализациски колектори од кои 5 во Кочани, а останатите на потегот од Оризари, преку полските села до Тркање. Токму затоа тие одлуки се историски и се значајни за иднината на урбано Кочани.
Годинава, кочанскиот систем за водоснабдување доби уште еден експлоатациски бунар за вода за пиење во месноста Грдовски Орман.
Бунарот со кој се обезбедуваат нови 30 литри вода во секунда овозможува стабилен систем на црпење на водата и непречено снабдување со вода и во евентуалните шпицеви во критичните летни периоди. Со него вкупниот капацитет на целиот систем го подигнавме на 280 литри во секунда.
Вклученоста на Кочани во Проектот за управување со сливот на Брегалница, за нас како Општина е од посебно значење, затоа што ја прикажува континуираната грижа за квалитетот на водата, а со тоа и на животот.
Советот на Општина Кочани годинава донесе одлука и за воспоставување меѓуопштинска соработка со Чешиново-Облешево за снабдување со вода за пиење на населените места Облешево, Чифлик, Чешиново и Уларци.
Продолживме и со организирањето на јавниот градски превоз. По проби во два наврата, сега тој се реализира со лиценциран авто-превозник, а заради поголема достапност до граѓаните се субвенционира од Општината.
Годинава, која беше изборна, Општината реализираше само две објави за продажба на државно градежно земјиште, (третата е во тек), од кои оствари приход од околу 3 милиона денари, а уште толку се собрани по основ на отуѓување на градежно земјиште со непосредна спогодба. Покрај градежното земјиште за индивидуална градба, продадени се и плацеви за изградба на хотели на „Пониква“.
Со задоволство можеме да констатираме дека наплатата на општинските даноци оди во нагорна линија. Данокот на имот на правни лица за тековната година е реализиран со 121%, а за физички лица со 95%. Наплатата на комуналната такса е 71%.
Оваа година го асфалтиравме патот во селото Бели во вкупна должина од 1.400 м, широчина од 4,5 м со риголи, рабници и со два слоја, проект за кој се издвоени 8,5 милиони денари. Оваа делница е значајна не само за жителите на Бели и околните села, туку и заради неколкуте туристичко-рекреативни локации до кои се стигнува по овој пат.
Го завршивме и асфалтирањето на делницата од Оризари до месноста Врговци во кочанска Пресека. За коловозот долг 4 км обезбедивме 25 милиони денари од Европската банка за обнова и развој.
Со средства од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и од Општина Кочани, го асфалтиравме патот кон селото Јастребник, до Водопадите, во должина од 1 километар. Наша заложба е да продолжиме етапно да работиме на асфалтно поврзување на руралните краишта со градот, сѐ со цел и оние малку жители што останале таму, да имаат подобрена сообраќајна комуникација. Заради тоа континуирано работиме и на прочистување на патиштата во ридско-планинскиот дел на општината: Полаки, Крушка, Јастребник, Пресека, Главовица.
Со 4 милиони денари од Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој, асфалтирани се улици во Горни и Долни Подлог и во Мојанци, а со општински пари реконструиравме 500 м од улицата „Димитар Влахов“ и ги асфалтиравме улиците „Крижевска“ и „Казанлак“ во Лесна индустрија, крак од „Христијан Карпош“ во Оризари, „Мите Павлов“ во Грдовци, „Гоце Делчев“ во Прибачево, а се завршуваат и улици во Горни и Долни Подлог. За идната година веќе е потпишан договорот и е изработена проектна документација за асфалтирање на уште 10 улици во Кочани и Оризари.
Поставени се краци од фекална канализација кај компанијата „Антура“ – во должина од 700 м, во Лесна индустрија – на улиците „Охридска“, „Сремска“ и „560“, „Македонска“, „Разловечко востание“, „15 Македонски корпус“, „Стив Наумов“, „Мишо Арсов“, во Драчевик, во селото Тркање... Ја дислоциравме фекалната канализација на улицата „Февруарски поход“. Вградивме одводи за атмосферската вода на улиците „Глигор Апосотолов-Гочо“ и „Казанлак“ и изработивме 8 сливни решетки за атмосферска канализација на улицата „ВМРО“. Обезбедивме водоводна линија во должина од 108 м на улицата „Димитар Влахов“, за квалитетно водоснабдување на новиот станбен комплекс. Изградивме потпорни ѕидови во селото Бели, на улиците „Шукри Шаин“, „Мишо Арсов“, „Мородвиска епископија“, „14 Бригада“, „Охридска“,„7 Септември“, „Александар Македонски“, „Гоце Делчев“, „Пролетерски бригади“, „Осоговска“, „Павлина Велјанова“, „Глигор Апостолов-Гочо“, „Сремска“ – за што наменивме 4,5 милиони денари. И понатаму го поддржуваме бетонирањето на тротоари и пристапни патеки – со работна рака од граѓаните. Поставивме бехатон на тротоарите на: „Стево Теодосиевски“, „Глигор Апостолов-Гочо“, „Никола Карев“, „Роза Петрова“, го уредивме пешачкиот остров во Стришани, тротоарот од Водостопанство „Брегалница“ до зградата на Катастарот.
Континуирано работиме на подобрување на уличното осветлување со економични светилки. Осветлен е потегот од магистралниот пат А-3 до влезот во селото Горни Подлог, каде во должина од 900 м, поставени се 24 метални столбови со висина 8 м, со лед-светилки. За поквалитетно улично осветлување, во тек е поставување на нови 15 метални ормани во склоп на постојните трафостаници.
Кочани е лидер во реализирањето на ГЕФ-проектите - во искористувањето на обновливите извори на енергија. Во клонот 1 на Детската градинка „Павлина Велјанова“ искористена е можноста за хибридно, односно паралелно искористување на сончевата енергија за затоплување на вода и за електрична енергија. Со хибридните сончеви колектори очекуваме економски и еколошки придобивки: годишна заштеда од околу 94 илјади денари, добивање 5 мегавати електрична енергија и намалување на емисијата на јаглерод диоксид за околу 5 тони на годишно ниво.
Проектот ГеоСЕЕ кој завршува во 2015 година е еден од поважните за понатамошниот развој на геотермалниот систем „Геотерма“. Во рамките на овој проект прв пат се изработи студија која дава одговор на прашањето дали и како може да се искористи геотермалниот потенцијал на Кочанската Котлина во комбинација со други обновливи извори на енергија како што е биомасата.
Домот за стари лица е уште еден регионално-приоритетен проект за претстојниот период. За изработка на проектна документација беа наменети средства од Центарот за развој на Источниот плански регион и од Здружението на пензионери – Кочани. Очекуваме активностите да продолжат до целосна реализација на Домот. Како што е познато, тој ќе се гради во кругот на поранешната касарна во Кочани, на површина од 4.000 м2, а ќе овозможи сместување на околу 140 лица.

Нашите настојувања природните ресурси да ги ставиме во полза на туристичките цели, даваат резултати. Со задоволство можеме да истакнеме дека по финансиската инјекција од 1 милион евра од МЕПСО, Пониква станува една од трите централни точки на регионалниот развој. Таа е ставена во центарот на туристичката иднина на овој дел од државата, како најголем потенцијал за зимски туризам. Советот на Источниот плански регион одлучи на Пониква да се инвестира и идната година, при што ќе се бараат пари како од домашни извори, така и од многубројни донатори. Летово се реши еден од поголемите проблеми на Пониква: паркинг-просторот. Во близина на скијачкиот центар е уреден паркинг за 300 возила, а во месноста Аеродром е организиран уште еден простор за паркирање за 2000 возила. На Пониква, годинава, преку Форумот на заедницата, се поставија и асфалт и бехатон патека кон манастирот „Св. Василиј Велики“. За нејзината сѐ поголема привлечност зборува податокот дека минатата година на овој туристички локалитет се остварени 5.000 ноќевања, 25% повеќе од претходната.

Создавањето млади, образовани и способни кадри кои успешно ќе го продолжат идниот развој на општината, е наша суштинска определба. Токму затоа од посебно значење е секој реализиран проект во образованието. Во таа листа годинава е и завршувањето на проектот на УСАИД и ОУ „Никола Карев“ за изградба на втор влез и изработка на нова фасада на училишната зграда. Овде е и реконструкцијата на зградата на СОУ „Љупчо Сантов“, како и поддршката на студентите со општинските стипендии, чиј број оваа година е 27. Во Оризари, пак, во ек е изградбата на новата училишна спортска сала, во дворот на училиштето „Крсте Мисирков“. За повозрасните сограѓани, се реализираат бесплатните курсеви по странски јазици и информатика. 

Во областа на културата во 2014 година понудивме разновидни културни содржини ставајќи акцент на традиционалните: Денови на кочанскиот ориз, Петровденски конаци, Драмскиот аматерски фестивал, Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април. Поддржувавме и настани кои се од важност за развој и унапредување на културата во Кочани: Ликовната колонија „Св. Пантелејмон“, Вечерта на македонскиот афоризам, Баскерфест, Новогодишниот концерт на ОМУ „Ристо Јуруков“. И во 2014 година дававме поддршка на здруженија и поединци од културата кои спроведуваат активности значајни за културна афирмација на општината во земјата и странство.
Работејќи на културен план, со концерт и аукција на уметнички дела од Ликовната колонија „Св. Пантелејмон“ помагавме за лекување на нашиот сограѓанин Даниел Митков, а ја овозможивме и реализацијата на традиционалниот хуманитарен концерт „По патеките на Тоше“.
Во областа на социјалната заштита оваа година, преку проект од германската асоцијација ГИЗ ја отворивме канцеларијата за социјални услуги со 2 стручни лица. Ја продолживме соработката со Министерство за труд и социјална политика, РЕФ (Ромскиот едукативен фонд) и градинките за реализација на проектот „Инклузија на деца Роми во градинките“ со кој градинка бесплатно посетуваат 25 деца Роми.
Во соработка со УНИЦЕФ и градинките продолжи реализацијата на проектот „Ран детски развој“ во кој со едукативни активности се опфатени околу 40 деца, претежно Роми.
Во делот на детската заштита, во соработка со Министерството за труд и социјална политика се работи на реконструкција на простор за отворање на градинка во Оризари.
Социјалната заштита оваа година е зајакната со вклучување на дополнителни ресурси со отворањето на канцеларијата за социјални услуги со ангажирање на двајца социолози.
Оваа година Општина Кочани ја помогна изградбата на куќата на семејството Димитрови од селото Бели. Таа е во завршна фаза со можност за брзо вселување на семејството и живот во подобри услови.
Општината имаше одлична соработка и со Здружението „Благородна мисија“, организација која дејствува во областа на социјалната заштита и во соработка со Општина Кочани разработи центар за донација на користени работи (облека, постелнина и обувки) преку кој беа опслужени 256 семејства во социјален ризик или околу 1000 корисници.
Годинава засилени беа и активностите на планот на родовата еднаквост преку Комисијата за еднакви можности на мажите и жените, со која на двата женски фудбалски клуба обезбедивме спортска опрема.
Во 2014 година заврши реновирањето на кочанскиот стадион „Никола Мантов“. Реконструирани се соблекувалните, санитарните јазли за екипите, но и за публиката, поставени се нови алуминиумски стативи. Работите се одвиваа според упатствата на Фудбалската федерација на Македонија, а стадионот ги исполнува критериумите да биде домаќин на меѓународни фудбалски натпревари. Продолжуваме со поддршка на клубовите, организација на турнирите во футсал и кошарка и на училишните спортски лиги, изборот на спортист на годината...
Координираната соработка со државните институции, со меѓународните чинители, стопанскиот сектор и граѓанските здруженија се индикатор за високото ниво на организираност на Општината и потврда дека сме на вистинскиот пат да создадеме квалитетни услови за живеење.
Отворени сме за дијалог, демократски потези, соработка, заради подобрата иднина на нашата заедница.
Почитувајќи ги принципите на отвореност, партиципативност, отчетност и самоодговорност – остануваме приврзаници на одговорната и ефективна локална власт на која задоволните граѓани ѝ се на прво место.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.