Сашко Костов, пратеник во Собранието на РМ : „Секој има право да се јави на некој оглас, секој има право да конкурира...“

25 Апр 2018
3613 пати

Сашко Костов, пратеник во Собранието на РМ, гостуваше во нашево Радио и одговори на повеќе

прашања. Интервјуто, премиерно е емитувано на нашата програма денеска во 10, 30 часот. Репризата е во 16, 30 чсот. Во продолжение можете да проследите дел од она што Костов го кажа.


Кочани ФМ: Каква е улогата на еден пратеник во Собранието на Република Македонија, поврзано со регионот од кој е изгласан – од кој доаѓа?
Сашко Костов: Покрај активностите во Собранието, потребно е да се работи и на терен со граѓаните, помеѓу електоратот. Имајќи го в предвид периодот што измина, опструкциите и блокирањето на највисокиот законодавен дом во земјава, како пратеници затаивме во делот на отворање на канцеларии, наменети за средба со граѓаните. Јас се обидувам во рамките на своите можности да ги користам петок и сабота за интервентни средби со граѓаните, со кои разговараме за решавање на проблемите кои се присутни секојдневно, но и да слушам предлози и сугестии од нив за подобрување на вкупното општествено живеење кај нас. Сепак, сакам да ве информирам дека веќе од идната седница ќе биде донесено решение за функционирање на општинските канцеларии, чии седиште се планира да биде во просториите на објектот МКЦ (поранешен Ленин), во центарот на градот, за што преку вашиот медиум граѓаните навреме ќе бидат информирани.
КФМ: Каква е поврзаноста на Вашата фунција, со развојот на локалната самоуправа?
С.К. : Улогата на пратеникот доколку ги извршува работите како што треба е голема, посебно доколку постои соработка со локалните власти. Особено можам да ја истакнам досегашната соработка со градоначалникот на општина Кочани, Николчо Илијев, со кого се среќаваме еднаш до двапати неделно, да размениме мислења и се информираме за она што се случувало во текот на неделата, како би донеле заеднички одлуки, околу полесна реализација на проектите што локалната самоуправа ги има зацртано. Како резултат на таа соработка, проектите што веќе беа изработени од претходната власт (новиот кружен тек, изградбата на пензионерски дом) , активно работиме на нивна реализација. Конкретно за старечкиот дом веќе остваривме контакт разговори со министерката за труд и социјална политика, па останува да почекаме и Владата на РМ да го даде својот допринос во неговата реализација. Што се однесува на сообраќајното решение за Кочани и горливиот проблем со паркинг просторот, наскоро нашиот градоначалник ќе има средба со министерот за транспорт и врски, Сугаревски и директорот на агенцијата за патишта, Китанов, а токму од нивната посета на Кочани се надевам дека ќе произлезе решение. Во план сме локалниот пат да го вметнеме во регионален, со поврзувањето на Зрновци и Пониква, за да се обезбедат доволно средства и изградбата да може да започне. Како што сум информиран од градоначалникот, само изградбата на кружниот тек , според проектот би чинела околу 700 до 800 илјади евра, што е голема сума за една локална самоуправа. Во план е исто така реновирање на патот од шумската куќичка, до младинскиот центар „Пониква“, изградбата на спа – центар во стилот на Банско и други капитални објекти, кои се надевам дека во интерес на сите нас нема да бидат само празни ветувања, бидејќи ваквите проекти потребно e дополнително да бидат поврзани и со странски инвестиции.
КФМ: Да се вратиме малку во општински рамки, што се разбира е приоритет на нашиот аудиториум. Советот на општина Кочани е со мнозинство на партијата од која доаѓате, чиј претседател бевте во предизборниот период, но сепак голем дел од советниците не се од СДСМ. Каква Ви е сега соработката и комуникацијата? Има ли незадоволство кај поедини членови?
С.К. : Ќе се вратам на Вашето прашање. Само испуштив да споменам и дека заедно со министерката за труд и социјална работа и градоначалникот на општина Кочани успеавме да обезбедиме средства за сосема нова градинка во Кочани, во месноста Драчевик. На почетокот беа обезбедени околу 300 000 евра за оваа година, но штотуку бев информиран од градоначалникот дека бил известен од министерката дека веќе се обезбедени 1 000 000 евра, а изградбата ќе биде започната и завршена до крајот на оваа година. Итноста е приоритет со оглед на фактот дека околу стотина дечиња очекуваат да влезат во градинка, а меѓу нив и едно од моите три деца е на листата за чекање. Во однос на прашањето за Советот на општината, точно е дека го имаме мнозинството со 10 советници, иако за сосема малку гласови не го добивме единаесеттиот, за која позиција сум лично и емотивно врзан, бидејќи на тоа место беше Орхан Куртишов, претставник на ромската заедница во општинава. Сметам дека Советот во глобала добро функционира, но и советниците потребно е да дадат малку повеќе од себе во поглед на помош на граѓаните и службите и во носењето одлуки за доброто на граѓаните. На почетокот кога ја добив листата бев многу разочаран, бидејќи до осмото место на листата имаше 5 коалициони партнери, а само три од редовите на СДСМ. Но, таква беше одлуката од централата. Крајната цел беше да бидат опфатени што повеќе граѓани, сметајќи на окрупнувањето на членството што и во моментот се случува во Парламентот. Ние сме една демократска партија и не смееме да се однесуваме како партиски војници.
КФМ: Каква Ви е соработката со новиот општински претседател на СДСМ, Дарко Радевски? Имаше гласини дека не сте во баш најдобри односи.
С.К. : Искрено да Ви кажам не знам од каде се гласините, но сепак ние сме социјал – демократи и добро е ако понекогаш имаме различни мислења. Според мене, тоа не е точно. Јас и Радевски сме колеги, долго време работевме во иста канцеларија, каде што воглавно се согласувавме, а во поглед на партиските работи секој има право да го изнесе својот став и своето мислење. Претседателите доаѓаат и заминуваат, а идеологијата на партијата е целта која мора и треба да се почитува.
КФМ: Кој ја креира сега кадровската политика, овде во СДСМ и во општински рамки? Дали сегашниот претседател или поранешниот, дали зборот на градоначалникот е последен?
С.К. : Од она за што јас се залагам и од она што досега го имам поминато, можам слободно да кажам дека таквите кадровски комисии и кадровски политики можат да бидат погубни за општеството. Секој има право да се јави на некој оглас, секој има право да конкурира, доколку ги исполнува условите и може да даде свој допринос. Се надевам дека во најскоро време ќе спроведеме еден таков систем, каде покрај партискиот ангажман ќе треба да се водиме и од квалитетите на кандидатите, од она што тие ќе го понудат за развој на општината.
КФМ: Засега бавно ви оди смената на раководните позиции, дали постојат пречки или несогласувања околу одредени ставови?
С. К. : Она што повеќепати досега го истакна градоначалникот, дека е надпартиски кандидат, сега и го спроведува. Тој ја води кадровската политика. Доколку станува збор за политички фунции, можеме како партија да му понудиме кандидати, па доколку тој смета дека таа личност може да ја извршува таа функција, се прифаќа. Во суштина имаме еден коректен однос, а доколку има несогласувања тоа е во интерес за избор на вистинскиот кандидат кој најмногу одговара за таа функција. Оној што ќе се нафати да биде раководител или директор, не треба да ја извршува фунцијата само заради повисока плата, или ајде, сега го сменивме директорот од ВМРО и поставивме од СДСМ и работата е завршена. Граѓаните не гласаа за таква опција, граѓаните гласаа за промени и тоа позитивни промени, а тие одат бавно затоа што се врзани со закони.
КФМ: Имате ли нешто да им ветите на нашите граѓани, што би им го направил животот поубав и попозитивен, иако многу пати до сега рекле дека доста им е од ветување?
С. К. : Целосно стоиме зад ветувањата од парламентарната програма, но таму има одредени рокови. Некои работи се зацртани да бидат исполнети до 2020 – тата година, а за поедини позитивни промени особено во кочанското здравство, набргу ќе информирате. Го гледам градот празен. Под итно треба да спроведеме мерки да престане иселувањето, а тоа ќе се случи со нови инвестиции. Една таква веќе е договорена. Турски партнер ќе влезе во делот каде што беше „Леснина“, од областа на дрвната индустрија и најавува нови 40 вработувања, а доколку се најдат соодветни работници нивниот број повеќекратно ќе се зголеми. Платата би требало да биде повисока од досегашните во овој сектор.
КФМ: Искажавте многу пријатни работи вака за слушање, останува да се надеваме дека повеќето од нив ќе бидат реализирани. И Ве очекуваме повторно во студиото на „Радио Кочани ФМ“, за да го потврдиме или негираме досега изреченото. Ви благодариме што бевте наш гостин.
С. К. : Ви благодарам на поканата, а воедно ги повикувам граѓаните да ни се обратат за секоја потреба, да оствариме личен контакт. Повеќето го знаат мојот телефонски број, па можат да ми се обратат во периодот додека не профункционира најавената пратеничка канцеларија во МКЦ во центарот на градот.

Интервјуто со Костов можете да го проследите на следниот линк : https://wetransfer.com/downloads/077e7cdb9e3166baeef32b397523b42f20180425091515/401d7c

Оценете ја оваа вест
(1 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.