20-ти ноември – Светски ден на детето: Да го слушнеме гласот на децата

20 Ное 2021
147 пати

И оваа година, Првата детска амбасада во светот Меѓаши, им го отстапи просторот на децата самите да проговорат и да го одбележат нивниот

ден – 20-ти ноември, Светскиот ден на детето.
Во изминатите две години, во услови на пандемија, без можност за работа во живо, Меѓаши во континуитет работеше со група деца на повеќе работи – од истражување на национално ниво за испитување на мислењето на децата за тоа колку се почитувани нивните права, пишување на извештај за состојбата со правата на децата што го одбранија пред членови од Комитетот за правата на детето при Обединетите нации, се до обмислување и спроведување нивни проекти во нивните училишта.
На овој ден децата самостојно одлучија и одбраа да говорат за теми важни за нив: нивното ментално здравје за време на пандемијата на Ковид-19, проблемот што секојдневно го гледаат на улиците – децата на улица, насилството и дискриминацијата, но и за проблемите во образованието.
За време на ковид-19 долго време поминале во своите домови, дружејќи се со нивните родители, одмориле ... Но најважното нешто - дружбата со пријателите, слободните прошетки надвор, собирите со другарчиња не биле во состојба. Целиот нивни живот се промени. Постојано беа дома, часовите ги одржуваа online. А најчестите проблеми со кои се соочија, како што наведоа се: зголемениот број деца на улица, проблеми во семејството – многу родители останале без работа, проблеми со менталното здравје, притисок од наставниците, стравот од вирусот.
За децата на улица рекоа дека се тие „исклучително ранлива категорија и ... дека сме сведоци дека оваа категорија на деца често се предмет на трговија со луѓе, присилна работа, па дури има и многу случаи каде на овие деца им биле остранувани телесни органи.“ Емпатично истакнаа дека „Овие деца живеат во постојан страв. Без топол дом, без соодветни услови за живот, не се социјализирани и воопшто не се прифатени од околината. Тие се најчесто дискриминирани, малтретирани или уценувани од страна на многу луѓе.“ „Децата на улица се соочуваат со проблеми како: несоодветна социјална, економска и здравствена заштита, најчесто немаат идентитет, живеат во неповолни услови за живот и се надвор од образовниот процес.“
Во неколку последователни настани организирани со деца дискриминацијата се појавува како горлив проблем за децата. Велат „Дискриминацијата претставува секое постапување кое донесува до нееднаквост меѓу децата. ДИСКРИМИНАЦИЈАТА МОРА ДА СЕ ЕЛИМИНИРА. Сите сме исти без разлика на: пол, вера, финансиска состојба,физички изглед....“ Понатаму, истакнаа дека „Во Македонија имаме различна пополуција, а истата зборува на свој јазик. Поради тоа многумина се дискриминирани а и осамени, дискриминирани и тажни поради тоа што не разбираат или не знаат да разговараат на тој јазик, а осамени поради тоа што немаат другарчиња кои зборуваат на тој јазик. Ова мораме да го смениме бидејќи сите треба да се дужиме без разлика на се!“

dete1.jpg

Исто толку горлив проблем што го истакнаа децата е насилството. Изјавија дека „ ние сме секојдневно изложени на секаков вид на насилство, особено на вербалното насилство. Тоа се среќава се почесто и има многу негативен ефект врз здравјето на нас-децата.“ истакнаа дека „овој проблем е навистина многу сериозен, и ние тоа секојдневно го гледаме, но нема никакви решенија. Се обративме кај повеќе институции, но не видовме никакви промени и решенија за тоа“. Сакаат „Дел од образованието да биде посветено на „антибулинг“ и како да се справиме со истото. Бидејќи сметаме дека образованието има големо влијание врз однесувањето и менталното здравје на децата.“ Исто така, препорачуваат „ Да има вработени во одредена област каде ќе внимаваат какво насилство ќе се извршува и да изнаоѓаат решенија за истото.“

Како посебен проблем го истакнаа сексуалното насилство, истакнувајќи дека тоа „е сериозен проблем кој остава големи ментални, психолошки и физички последици кај жртвите, како и кај блиските што ги опкружуваат.“ До државните институции упатија порака: „Не зборувајте за проблемите само кога ќе се случат, напротив зборувајте пред нивното случување за сите жртви да знаат како да се справат со тоа“. На училиштата им порачаа: „ организирајте се’ повеќе работилници каде што ќе ги охрабрувате младите и ќе се зборува на оваа тема, бидејќи ова не е ништо срамно за жртвите туку за извршителите на злоделото. За оваа тема треба да се посвети многу повеќе внимание и време.“ Исто така, упатија пораки и до родителите: „ разговарајте со вашите деца, запознајте ги со проблемов пред да биде доцна, потсетете ги дека доколку се најдат во ваква ситуација вие ќе бидете тие што ќе ги поддржите, ќе им помогнете и ќе бидете со нив се’ додека е потребно“, но и до младите: „ доколку сте биле жртва на сексуално насилство не треба да молчите, немате никаква вина, зборувајте и заштитете ги другите. Најпрво обратете му се на семејството, а потоа на институциите, одговорни за заштита на жртвите и гонење на насилниците“.
Како што истакнаа „образованието е важно за секоја личност, затоа што половина ден го поминуваме во училиште, а дома се спремаме за училиште“ па затоа во нивното денешно обраќање и образованието беше тема на која упатија бројни пораки до надлежните. Истакнаа дека „54% од децата сметаат дека само делумно се согласуваат дека она што го учат на часовите им е интересно и ќе им биде корисно за понатаму... а 60% од децата сметаат дека им е ограничено слободното време поради многу училишно задачи.“ Рекоа дека „Децата сакаат и бараат да се смени строгиот однос на наставниците, непочитувањето, бројот на вон наставни и училишни активности..., да има уред за секое дете, да не се преоптоваруваат и да се изучува она што е важно и корисно, да се вработи квалитетен психолог, да се обезбедат услови за децата со попреченост..., да се подобри греењето, да се менува училишниот инвентар, да се набават нови учебници и слично.“
На прес конференцијата учествуваа Едина Мифтароска (13 години), Шејдија Незири (12 години) и Агнеса Чела (13 години) од Дебар, Евгенија Џабирска (14 години), Клара Костадиновска (14 години), Магдалена Петровска (14 години), Кристина Василевска (14 години) Лаура Атансова (13 години) и Јована Дончева (13 години) од Виница, Матеа Ефтимовска (13 години), Антонија Теовска (13 години), Дина Тахир Богатиновска (14 години), Стефанија Петковска (13 години) и Даријан Блажевски (12 години) од Скопје.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)