Интервју со м-р Сања Павлова: Да не дозволиме пандемијата да нѐ контролира, никогаш не треба да престанеме да учиме

03 Јун 2021
1226 пати

Прилагодувањето и прифаќањето на новиот начин на работа беше многу тешко како од индивидуален, така

и од институционален аспект. Но, сметам дека искуството од пандемијата ни послужи како лекција за тоа дека треба секојдневно многу да работиме, да учиме со цел да бидеме во чекор со секојдневните промени кои се случуваат во општеството и да може работниот процес непречено да се одвива. Секако дека на студентите им е тешко бидејќи се лишени од меѓусебно дружење, но можам со сигурност да кажам дека нивните желби за знаење и напредок воопшто не отсуствуваат. Ништо не може да го замени физичкото присуство во предавалните, но ние се трудиме тие што помалку да ја чувствуваат таа разлика, наоѓаме најразлични модели за да им го задржиме нивното вниманието, вели во интервју за ВЕЧЕР м-р Сања Павлова, асистент на Факултетот за економски науки на Европски универзитет, Скопје
Каков е предизвикот да се работи на универзитет кој посветува големо внимание на дополнителната едукација и надградба на наставниот кадар?
За мене претставува особена чест и задоволство што имам можност да работам и да бидам дел од институција каде секојдневно сум мотивирана да се надградувам со цел да го достигнам врвот во својата професионална и лична реализација. Со текот на годините, како студент на Европскиот универзитет, се стекнав со знаење за кое сметам дека на ниту едно друго место немаше да го добијам. Сега несебично го споделувам секојдневно со моите студенти и сум пресреќна кога ги гледам нивните успеси и желба за секојдневна работа и учење. Факултетот за економски науки нуди богата програма како за додипломски, така и за постдипломски студии. На Факултетот има место за сите студенти кои се заинтересирани за продлабочување на нивните знаења од областа на бизнис менаџмент, маркетинг, финансии и здравствен фармацевтски менаџмент. Тука имаат можност секојдневно да учат од високо реномирани професори, експерти од областите во кои работат, како и од асистентите кои секогаш се достапни за студентите со цел да им ја објаснат проблематиката која ја разработуваат на предавањата.
Каде студентите од Факултетот за економски науки одат на пракса и какви се вашите искуства од практичната настава?
Благодарение на соработката на Европски универзитет, Скопје со голем број високорангирани банки и институции од областа на деловната економија во нашата држава студентите имаат можност да поминат повеќемесечна пракса, а искуството кое ќе го стекнат ќе им помогне во градење на нивниот професионален и личен идентитет. Практичната настава можат да ја реализираат исто така и во компанија која самите ќе ја изберат. Универзитетот им дава целосна слобода во нивниот избор.
Каква е комуникацијата со студентите и како ги реализирате предавањата и вежбите?
Комуникацијата со студентите е одлична и на највисоко професионално ниво. Тие покажуваат подеднаков интерес за сите предмети кои ги изучуваат во соодветната студиска година предвидени согласно програмата, но секако поголем интерес имаат кон предмети кои се од областа која ја избрале. Со оглед на здравствената криза поради ковид-19 во која се наоѓаме веќе цела година, наставата и вежбите се реализираат онлајн. На вежбите се трудам знаењето да го пренесам на наједноставен можен начин, преку power point презентации. Сметам дека нешто по што сум препознатлива како асистент се практичните примери, примери од секојдневието, примери за компании во Македонија и во светот со цел студентите брзо и ефикасно да ги разберат економските поими и процеси кои ги изучуваме. На часовите се трудам да доминира интеракција меѓу студентите, каде тие ќе имаат можност слободно да размислуваат и да не се плашат да ги изнесат сопствените ставови и идеи во насока на совладување на голем дел од материјата на самите часови.
Колку образованието и дополнителната едукација се неопходни за унапредување и лична реализација на професионален план?
За време на моите постдипломски студии на Европски универзитет ми беше укажана можност да бидам директно вклучена во наставниот процес како демонстратор, нешто што беше многу важно за понатамошен развој на кариерата. Веднаш по моето магистрирање, бев ангажирана како асистент по група предмети од областа на маркетинг и менаџмент. Поуката која ја извлеков како личност која ја работи работата што ја сака во време на пандемија се однесува на тоа дека, без разлика во какви околности се наоѓаме и која професија и да ја работиме, никогаш не треба да престанеме да учиме. Бидејќи како што кажал Сократ, знаењето претставува храна за душата. Значи, не треба да дозволиме надворешните турбуленции, како пандемијата, да нè контролираат туку ние треба да бидеме двигател на сопствениот живот.
Како се одвива онлајн наставата, како се прилагодивте на новиот начин на предавање и како ги мотивирате студентите да ја следат наставата?
Многу беше тешко прилагодувањето и прифаќањето на новиот начин на работа, како од индивидуален, така и од институционален аспект. Но, сметам дека искуството кое ни го даде пандемијата ни послужи како лекција за тоа дека треба секојдневно многу да работиме, да учиме со цел да бидеме во чекор со секојдневните промени кои се случуваат во општеството и да може работниот процес непречено да се одвива. Ние како наставен кадар моравме многу брзо да се адаптираме на новиот начин на настава сè со цел нашите студенти да не почувствуваат големи разлики поради настанувањето на оваа здравствена криза која ги погоди апсолутно сите сегменти од човековото егзистирање. Секако дека на студентите им е тешко бидејќи се лишени од меѓусебно дружење, но можам со сигурност да кажам дека нивните желби за знаење и напредок воопшто не отсуствуваат. Ништо не може да го замени физичкото присуство во предавалните, но ние се трудиме тие што помалку да ја чувствуваат таа разлика, наоѓаме најразлични модели за да им го привлечеме и задржиме нивното внимание.
Која е вашата порака до младите кои допрва треба да донесат одлука дали и каде да го продолжат своето образование?
Како што напоменав и претходно, знаењето е најважниот сегмент на човековото постоење и младите кои допрва треба да го започнат своето високо образование воопшто не треба да се двоумат дали да го направат тоа. Секако, најдобриот избор за нив е Европскиот универзитет, каде се секогаш топло и срдечно добредојдени доколку сакаат да се стекнат со знаења, вештини и способности кои ќе ги направат професионалци во својата област и пред сè чесни и достоинствени млади луѓе.

Интервјуто е преземено од дневниот весник ВЕЧЕР

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)