Претходно далечната 1954 година, Радио Кочани беше формирано од група локални ентузијасти како второ локално радио во Македонија, веднаш по Радио Битола.
Годинава, Радиото, наполни 66 години од своето постоење.
Освен локално, на ФМ брановата должина од 91,4 Mhz, со појавата на интернетот Радио Кочани преку веб-страницата www.radiokocani.mk е достапно на слушателите од целиот свет. Во целиот овој период во континуитет ги следиме промените на законските регулативи и досега не сме имале потешкотии во работењето. Работиме исклучиво во интерес на граѓаните на нашата заедница и најчесто програмата ја прилагодуваме кон нивните барања и потреби. Споделуваме емисии и информации од сите области на теми кои се однесуваат на овој регион. За прибирање на информациите одиме на лице место, а неретко и членовите од нашата заедница се присутни на нашата адреса.
Одговорните лица од општината и останатите засегнати субјекти, скоро секогаш одговараат на нашите прашања кои заеднички ги решаваме во интерес на граѓаните. Како што претходно најавивме ги покриваме сите области кои се во сферата на интерес (од политика и економија, па се до спорт и култура). Добиваме покани за сите организирани настани, а самостојно одлучуваме кои теми ќе ги третираме, а кои не. За соработка со граѓаните сме отворени на сите теми без исклучок. Сметаме дека во моментов сме нивни вистински сервис, а тие тоа го покажуваат со секојдневните наши контакти.
Локалните власти повеќепати се уверија во важноста на медиумите, во севкупниот општествен живот, па тие ја почитуваат соработката без разлика од која политичка припадност доаѓаат. Во ова време-невреме кога условите ги диктира состојбата со Корона вирусот можеме да ви посакаме многу здравје и љубов и колку е можно побргу да се вратиме во нормала. СРЕЌНИ ПРАЗНИЦИ! Почитувајте мерки и чувајте се.