Можете да ја набавите и во Радио Кочани...Излезе монографијата „Македонска дискографија – винили (1958-2019)“ Прв том

16 Авг 2019
1010 пати

Кон крајот на минатиот месец, на 26 јули 2019, на летната сцена зад Младинскиот културен центар беше

промовирана Монографија „Македонска дискографија – винили (1958-2019)“ Прв том, втората книга на Тошо Филиповски, посветена на македонската музичка култура, а издадена по капиталното дело Македонската рок-енциклопедија. Во услови кога македонскиот идентитет се оспорува на сите полиња, па и во културата, Тошо сè уште инсистира на енциклопедиско евидентирање на македонската историја на културата и нејзините артефакти. Станува збор за капитално дело во кое се опфатени 333 винилни изданија на околу 480 страници во боја, А4 формат.

...„Македонска дискографија - винили“, на Филиповски, роден кочанец, можете да ја набавите и во Радио Кочани. Дојдете во Радиото или јавете се на 078 22 00 31...
Во монографијата се опфатени изданија (винили) објавувани во периодот 1958-2019, 333 посебни единици, на кои е забележана музика од македонски автори, музичари, изведувачи и продуценти кои според Тошо се дел од македонската музичка сцена. Жанровски, монографијата опфаќа речиси сè, со акцент на комплетно претставување на рок продукцијата (и сите поджанрови), електронската сцена и делумно претставување на таа т. н. фестивалско-шлагерска сцена односно оној корпус на изданија на кои е забележана музика која има некој повпечатлив грув. Останатото, повеќе или помалку класично фестивалско изразување, авторската современа класична музика ставена на винил и некои идни изданија од македонската сцена, ќе бидат опфатени со вториот том од оваа монографија, на која тој веќе работи.
Со текот на времето се менуваат и потребите и трендовите на носачи на звук, а денес иако сè почесто се издава дигитално Тошо сепак ги преферира физичките носачи на звук кои, според него, овозможуваат подолг век на живот на секое музичко дело. Винилот како еден од тие носачи на звук, предничи во однос на трајноста на едно дело.
За жал тој бил и еден од помалку застапените кај нас, поради тоа што едноставно немало сериозен македонски издавач во времето кога најинтензивно се печателе винилите. Но и покрај падот во времето на подемот на цеде-индустријата, повторно станува релевантен носач на звук, не само кај колекционерите, туку и воопшто во музичката индустрија, па според Тошо златниот период допрва доаѓа, бидејќи сè повеќе бендови и продуценти се одлучуваат својот креативен труд да го забележат на винилен носач на звук.
Паралелно покрај книгата беа промоцвирани и две винилни изданија, компилациски плочи, активност на која Тошо исто така се посвети периодов. Тоа се ЛП компилацииите „Колку гласно морам да викнам за да ме чујат?“ и „Има ли забава – Macedonian new wave 1981-1985“, и двете издадени за Корпус деликти рекордс, со што само се поотврдуваат неговите констатации во врска со винилот.

Оценете ја оваа вест
(1 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.