Почитувањето на сообраќајните правила може да придонесе за поголем ред во сообраќајот

09 Авг 2019
255 пати

Одговор на објавено писмо на Радио Кочани ФМ...


Паркирањето како проблем на урбаното живеење кој во Кочани е посебно изразен овој период е резултат на повеќе фактори. Наша должност како единица на локалната самоуправа е да обезбедиме соодветен простор за паркирање, а за одржувањето на сообраќајниот ред се вклучени други служби, како и самите учесници во сообраќајот.
Навиките на голем дел од возачите во Кочани се познати: од една страна настојуваат да стигнат со возилото непосредно до нивната определена дестинација, а од друга страна да узурпираат јавно-прометна површина – сообраќајница или тротоар, наместо да ги гаражираат своите возила. Доказ за тоа се полупразните паркиралишта пооддалечени од Трговскиот центар во Кочани и дуќаните на повеќе улици во градот, пренаменети од гаражи.
Планирањето на просторот се врши со Генералниот урбанистички план и со деталните планови. Во моментот, Секторот за урбанизам работи на доработка на ГУП, со кој е предвидена катна гаража на четири нивоа, со капацитет од 200 возила, на површина од 1 200 метри квадратни во основа, во централното градско подрачје. За овие измени е потребно време, бидејќи се работат по строго пропишани законски процедури. Затоа, проблемите со паркирањето не можат да се решат за час.
Измени се прават и на потегот на улицата „Стево Теодосиевски“, поранешна „Ленинова“, каде што е планирано булеварско решение. За да се реализира проширувањето на оваа улица, во фаза е експропријација на станбените објекти на тој потег.
Нов простор за паркирање е определен и на улицата „Новопроектирана“, зад новиот станбен комплекс на соседната улица „Стево Теодосиевски“, чие уредување е во тек.
Свесни за недостигот од просторот за паркирање, наша задача и заложба е што поскоро да ги завршиме урбанистичките и инфраструктурните зафати за да им овозможиме на граѓаните полесно да сообраќаат по улиците во градот. За тоа, секако ќе треба да се погрижат сите надлежни, но и сите граѓани и учесници во сообраќајот.
Што се однесува до прскањето против комарци и проблемот со кучињата скитници, Општина Кочани целосно се придржува кон примената на законските мерки и во двата случаја. Со законските одредби јасно се прецизирани постапките, а за прекршителите на законите има соодветни санкции.
Општина Кочани

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.