Димитар Филипов, РК „Младинец“: „Под кои критериуми се вршеше распределба на термините за тренинг?“

11 Сеп 2019
236 пати

Ракометниот клуб „Младинец“ 4 години функционира и во него тренираат и се натпреваруваат околу 60тина

млади ракометари (голем дел од нив се присутни овде). Претходната година може да ја одбележиме како најуспешна, 3 екипи во машка конкуранција се пласираа на завршниот турнир во Скопје организиран од Ракометна Академија Металург на кој генерацијата 2004/05 го освои второто место. Оваа година генерацијата 2004/05 е пријавена да се натпреварува во пионерска лига при Ракометна Федерација на Македонија, а останатите екипи од помалите генерации во лигата на Ракометна Академија Металург.
Сега наместо да имаме целосна поддршка и да продолжиме упорно да тренираме, да се натпреваруваме и да постигнуваме добри резултати, ние сме спречени во целите бидејќи ни се одземени термините за тренирање. Имаме уредно поднесено барање до директорката на ОУ „Никола Карев“, Биљана Петрова, за користење на термини уште од средината на август во деновите понеделник, среда и петок од 19ч до 20ч за деца родени 2007г до 2012г и од 20ч до 21ч за генерацијата 2004/05/06, а за време на викенд термин за одигрување на натпревари.. На ова барање добивме усен одговор дека салата во месец август е затворена поради чистење на истата, а термините кои ние ги побаравме од септември 2019г до јуни 2020г се дадени на нејзин колега кој има новоформиран клуб и дека може да користиме термини само во понеделник и среда по 21ч.
Испративме известување дека не се согласуваме со дадениот одговор и дека бараме овозможување и на други термини, но и на тоа известување го добивме истиот усен одговор. Јавно изјавуваме дека сите обврски од страна на клубот „Младинец“ кон училиштето навремено се подмирени и дека уредно ја користевме и се грижевме за опремата во спортската сала во претходните четири години. Па затоа прашуваме, поради кои причини се скратени правата на РК „Младинец“ да тренира и да се натпреварува во салата која всушност е единствена во градот што ги исполнува условите за тренинг и натпревари? Под кои критериуми се вршеше распределбата на термини? Како е можно да се даде предност на новоформиран клуб и тоа на штета на ракометниот клуб „Младинец“ кој вооедно е единствениот клуб од овој спорт што ја претставува нашата општина на територијата на цела држава? Како е можно да има обезбедено термини за клуб кој тренира во оваа сала, а се натпреварува за друга општина? Како е можно сите клубови коишто ја користеа салата претходната година да ги добијат истите термини, а само на РК „Младинец“ да му бидат одземени термините? Дали поради лични интереси овие деца треба да престанат да тренираат ракомет?
За проблемот кој го имаме ја известивме Ракометна Федерација на Македонија од која имаме безрезервна поддршка. Денес испративме известување и до Агенција за млади и спорт. Исто така имаме доставено известување до Градоначалникот на град Кочани и истиот е запознаен со проблемот, но добивме одговор дека тој не е надлежен за решавање на истиот.
Бараме како единствен клуб од овој спорт којшто треба да се натпреварува во повеќе младински категории да ни бидат овозможени соодветни термини за одржување тренинг и напревари, во спротивно може да дојде до згаснување на клубот што би било поразително за децата коишто тренираа и се натпреваруваа во претходните години и кои се трудеа да го претстават градот Кочани во најдобро светло.
Натпреварите почнуваат во сабота, а нашите ракометари сеуште немаат влезено во сала и тренираат на отворените игралишта во нашиот град.
Доколку не ни се овозможат соодветни термини за тренинг и натпревари, ќе бидеме приморани да започнеме соодветна судска постапка.

Оценете ја оваа вест
(1 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.