Во средните училишта во Кочани се отвораат две нови струки и пет дуални паралелки

05 Апр 2021
324 пати

Во учебната 2021/22 година, идните средношколци ќе можат да изберат две нови струки во кочанските средни училишта, да се образуваат во дуални паралелки со зголемен обем на практична обука и да добиваат стипендии.

Со новиот конкурс што го објави Министерството за образование и наука, оваа година од отворените 97 дуални паралелки, пет се во двете кочанските средни училишта, каде е планирана практична обука за 125 ученици, којашто ќе се реализира во 12 локални компании што пројавиле интерес за соработка и изразиле подготвеност да примаат ученици на обука директно на работно место.

Две нови струки, трговска и хемиско-технолошка се отвораат во СОУ „Љупчо Сантов“, каде се планирани две дуални паралелки: бизнис-администратор во економско-правната и трговската струка и една паралелка хемиски лаборантски техничар во хемиско-технолошката струка.

Во СОУ „Гошо Викентиев“, во машинската струка се отвора нова паралелка која ќе биде дуална – техничар за производно машинство, а во електротехничката струка дуални ќе бидат постојните паралелки електротехничар за електроника и телекомуникации и електротехничар-енергетичар.

– Голема е потребата од стручни кадри коишто ќе одговорат на потребите на стопанството. Освен во „Гошо Викентиев“, се отвора можност за дуално образование и во СОУ „Љупчо Сантов“. Од трговската и хемиско-технолошка струка во „Љупчо Сантов“ очекуваме да произлезат обучени кадри за продажба односно онлајн продажба, дистрибуција, маркетинг и кадри потребни во конзервно-преработувачката индустрија. Со ова сметам дека правиме голем позитивен чекор, како за учениците – да дојдат полесно до сооветни работни места, така и на фирмите – да дојдат до обучени кадри подготвени веднаш да влезат на работа – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на   Општина Кочани.

Ваквата уписна политика е креирана како резултат на интензивна соработка помеѓу Министерството за образование и наука, локалните самоуправи и бизнис-заедницата и согледувањето на потребата за отворање нови образовни профили и паралелки во училиштата.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)