Наскоро ќе започнат да се градат објектите за станарите од Старата касарна

28 Јун 2019
305 пати

Од дваесетте милиони денари од Националната стратегија за Роми коишто се наменети за општини каде што

живее ромско население, 7,5 милиони денари ќе добие Општина Кочани за решавање на домувањето на жителите од Старата касарна.
– Проектот за изградба на објекти каде ќе бидат преселени станарите од Старата касарна беше оценет како успешен, па покрај очекуваната транша што ќе се случи деновиве, реализацијата ќе оди етапно, во оваа и во текот на наредната година – најави при денешната посета на Кочани Музефер Бајрам, министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите.
Според градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, Општина Кочани е подготвена за долгорочно решавање на овој повеќедецениски проблем, кој е приоритетен и за самите станари и за градот воопшто.
– Ние, како локална самоуправа направивме иницијатива, изработивме Локална урбанистичка планска документација, избравме локација и изработивме проект каде што ќе бидат сместени луѓето од Касарната. Со оваа информација којашто денеска ни ја донесе министерот, дека на седница на Владата очекуваме да ни бидат доделени околу 7,5 милиони денари, значи дека може да отпочнеме со фазна градба на објектите каде ќе бидат сместени станарите од Старата касарна. Исто така, Општина Кочани презеде обврска за изградба на пристапен пат, потпорни ѕидови, одвод на отпадните води и водовод. Тоа значи дека ова е еден покрупен проект, со цел овие луѓе да добијат пристојни живеалишта – соопшти Илијев при посетата на локација за градба на станбените објекти.
Според урбанистичката документација и изработениот проект, објектите за домување на станарите од Старата касарна ќе се градат во месноста Пресечна Скала, на северниот дел на Кочани. Парцелата со површина од 2,96 ха е земјиште на Република Македонија, а со планскиот опфат се планираат дваесетина градежни парцели.

Оценете ја оваа вест
(1 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.