Идиотска работа - Им вратил 800 евра, 7 000 денари, „самсунг“, за награда само што не бил истепан

20 Мар 2019
2957 пати

Интересна приказна ни раскажа еден наш сограѓанин, вработен во КЈП Водовод. При тоа, разочарано, рече

дека луѓето се апсолутно непредвидливи. Ќе им направиш добро – ќе ти вратат со лошо. Токму тоа нему му се случило. Нашол женски паричник со пари и мобилен во вредност од над илјада евра и откако ја пронашол сопственичката, во моментот кога и го враќал паричникот со парите и мобилниот, едвај избегнал ќотек.
Веднаш да се разбереме. Раскажувајќи ни што му се случило, В.Ј. немаше намера да изврши своја „промоција“, ете, колку тој е океј - човек и колку добро дело направил. Напротив, во себе носеше тежина и кога пред неговите пријатели ја раскажа својата приказна, му олесна. Тоа беше видливо.
Имено, пред неколку дена, извршувајќи ги своите редовни рабтни обврски минувал низ градскиот парк во Кочани. Крај една од клупите за седење, наспроти споменикот на Никола Карев, на тревата видол заборавен женски паричник со поголеми димензии од вообичаените. Го подигнал од земјата и почнал да размислува. Го отворил и погледнал дали внатре има документ за лична идентификација за да утврди кој е сопственикот и да го побара... Се изненадил кога забележал 800 евра, 7 000 денари, метални банкноти во денари и евра, мобилен телефон „самсунг“ од поновите модели, две банкови картички, шминки и други ситници што вообичаено ги носат припадничките на поувабиот пол. Се замислил...тоа се многу пари, скриена камера да не е ова ? Некој да не се шегува со мене ? Брзо се соземал и решил да појде во полицијата и таму да го остави паричникот. Пред тоа, на банковите картички го прочитал името М. И. Колева...
Тогаш, „самсунгот“ почнал да звони. В.Ј. не одговорил на повикот. Го запаметил бројот од каде што доаѓа повикот и од својот мобилен телефонирал на тој број. Му одговорил женски глас. Девојката (или жената) хистерично се однесувала. Тој ја смирил и кажал каде се наоѓа и дека паричникот е кај него, не гибнат. Во себе, претпазливо, се запрашал дали таа е вистинската сопственичка ? Да не е некоја измама, некој да не сака да спечали на туѓа мака.
За половина час на паркиралиштето кај паркот застанал џип со странски регистарски таблички и од него излегле девојка и маж на возраст од над триесет години. Веднаш се упатиле кон местото каде што чесниот наоѓач им кажал дека ги чека. Паричникот го држел во едната рака. Кога го забележале (паричникот во неговата рака) мажот се нафрлил врз В.Ј. Го фатил за врат, му се заканувал со тупаници, го влечел и буткал за да дојде до паричникот. Бил помлад и покрупен, агресивен и бесен... небаре В.Ј. е виновен што таа го загубила паричникот, а тој го пронашол и сега и го враќа. Зборувал на дијалект налик на оној на кој што зборуваат виничани.
Но, В.Ј. сакал да се осигура, дали таа навистина е М.Р.Колева , дали навистина е сопственичка на паричникот, на еврата и денарите во него. Ризикувал да биде истепан, но направил онака како што сметал дека е најдобро. Некако успеал да и се обрати и да побара од неа да му кажа што имало во паричникот. Доколку е нејзин, сигурно ќе знае – помислил ! Му кажала точно и прецизно. Тогаш и го дал паричникот, таа го проверила и кажала дека ништо не недостасува. Во тој момент, нејзиниот насилен придружник ги тргнал рацете од вратот на В.Ј.
Двајцата веднаш заминале, се качиле во џипот и ја дувнале. Ниту фала, ниту пријатно. Ниту трошка благодарност... Повеќе не го ни погледнале.
Тој, останал вчудоневиден, шокиран, сеуште неможејќи да си дојде присебе.
Случајни мунувачи што биле сведоци на настанот, го прашале во што е работата, кога им кажал, се крстеле.
Е, такви се луѓето. Ќе им направиш добро. Ниту благодарам нема да ти кажат. Дури може да се случи и да те истепаат. И, ај сега прави добрини ?!
Шегата настрана. В.Ј. постапил сосема коректно, човечки. Ништо ниту очекувал, ниту барал за возврат. Секоја чест. Да си признаеме, многумина би се однесувале сосема поинаку.
А, за „двојката“ со џипот со странските таблички и паричникот...што да се каже...Треба да се срамат. Простете ми – идиотска работа.

Оценете ја оваа вест
(10 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.