ЗАПЛЕНЕТИ МОТОРЦИКЛИ, АЛКОХОЛНИ ПИЈАЛОЦИ, ОБЛЕКА, ФАЛСИФИКАТИ И ДРУГО

09 Јан 2019
198 пати

Во текот на последната недела од 2018 година и новогодишните и божиќните празници, царинските

службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани моторцикл, скутер, делови за возила, фотокопир, гасен пиштол, препарати за потенција, алкохолни пијалоци, алат, електричен кабел, облека, лап-топ компјутери и фалсификати.
Задржана е следната стока:

Моторцикли, делови за возила и фотокопир
- 1 скутер марка Peugeot, 1 моторцикл марка Honda, 1 фотокопир марка Nashuatec и 9 алуминиумски бандажи со гуми за патничко возило, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на стока со потекло од Швајцарија, наменета за физичко лице од Струга, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Охрид. Производите кои не биле опфатени со царинската декларација, се привремено задржани, а против увозникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Гасен пиштол, препарати за потенција и алкохолни пијалоци
- 1 гасен пиштол марка ZORAKI 925 со калибар 9 mm, 980 кесички Kamagra Oral Jelly 100 mg и околу 14 килограми препарати за потенција, HILTI и Маџун со билки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи биле пронајдени во патна торба на македонски државјанин кој патувал со автобусот. Истите се привремено задржани, а против патникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
- 193 литри домашна ракија и околу 30 литри домашно вино, откриени од страна на полициски службеници, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена на патниот правец Велес – Скопје. Алкохолните пијалоци, за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени акцизни давачки, биле предадени на мобилните царински тимови за понатамошна постапка.

Алат и електричен кабел
- 570 нарезни ножеви за струг и 391 метри кабел, откриени во два одвоени случаи, од страна на мобилните царински тимови.
Во првиот случај, при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, во патна торба сместена на горниот кревет во кабината на камионот, биле пронајдени 570 нарезни ножеви за струг.
Во вториот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце, во 5 кутии сместени во багажникот на возилото, биле пронајдени 391 метри електричен кабел за подно греење.
Во двата случаи непријавените производи се привремено задржани, а против возачите ќе бидат поднесени барања за поведување прекршочни постапки.

Облека и компјутери
- 83 парчиња ХТЗ облека (јакни, панталони и блузони) и 15 употребувани лап-топ компјутери Fujitsu и DELL DS, откриени на Меѓународниот Аеродром Скопје, при контрола на багажот на косовски државјанин, кој допатувал со лет од Гетеборг. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.
- 57 комплети спортска опрема (шорц со маичка), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на турски автобус кој сообраќал на релација Истанбул – Гостивар, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени во спортска торба сместена во багажниот простор на автобусот, се привремено задржани, а против сопственикот, македонски државјанин кој патувал со автобусот, ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
- 271 парчиња облека (тренерки, јакни, маици, ранци, дуксери и блузи) и 63 пара патики со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на турски камион, натоварен со стока со потекло од повеќе држави, наменета за увозник од Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост, производите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.
- 19.200 литри енергетски пијалок во лименки со ознаки на заштитена трговска марка, откриени во царинската испостава Ќафасан-отсек за стоково царинење, при контрола на стока пријавена за извоз од испраќач од Република Македонија, наменета за увозник од Република Албанија. Поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост, производите се привремено задржани, и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.