СОУ „Љупчо Сантов“ започна проект за примена на иновативни образовни техники

06 Дек 2018
65 пати

Со потпишувањето на договорите од учесниците, денеска во СОУ „Љупчо Сантов“ официјално започна

проектот „АР ЕДУ – Едукативен модул со проширена реалност – развој и имплементација на иновативни ИКТ базирани на основни алатки во СТЕМ ориентираните училишни предмети“, кој е финансиран од „Еразмус +“ програмата, акција Стратешко партнерство за образование, Соработка за иновации и размена на добри практики.

Проектот ќе се реализира во соработка со седум проектни партнери од три држави: Македонија, Бугарија и Хрватска. Од Македонија се Локалната акциона група – Кочани, како лидер-партнер, СОУ „Љупчо Сантов“ и „Течко нет“ – Кочани. Учесници од Бугарија се Центарот за одржливост и економски развој и Професионалната гимназија за економија и менаџмент од Пазарџик, а од Хрватска се Општина Лудбрег и Средното училиште „Лудбрег“.

Проектот ќе овозможи развивање софтвер за проширена реалност како нов, поинтересен начин на кој учениците ќе изучуваат предмети поврзани со науката, инженерството, техниката и математиката на некласичен начин.

– Проектот промовира дигитален приод во наставата што ќе овозможи нов професионален развој на нашиот кадар. Учениците ќе имаат можност да се движат во регионите на нашите партнерски организации, во Хрватска и во Бугарија, каде ќе се запознаат и со начинот на наставата во тие средини. Инаку, „Љупчо Сантов“ доби пет проекти од „Еразмус +“ програмата. Значајна придобивка за Кочани е дека со овој проект ќе се влеат во човечки ресурси, мобилност и во активности 131 илјада евра, што сметам дека е за поздравување – изјави Игор Христов, директор на СОУ „Љупчо Сантов“.

Почетокот на проектот го поздрави претседателот на Советот на Општина Кочани, Томе Солевски, кој истакна дека е посебно задоволен што проектниот партнер што го изработува иновативниот образовен модул е софтверска фирма од нашата општина, што покажува дека и во помалите општини можат да се разработуваат и да се реализираат иновативни идеи, што е посебно важно за помалите заедници.

Со проектот „АР ЕДУ“ се планирани четири меѓународни средби, две обуки на наставниците од средните училишта за користење на АР-едукативниот модел и петдневна размена на групи ученици од Македонија, Бугарија и Хрватска.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.