Совет на Општина Кочани: Согласност за три нови воспитни групи во Градинката „Павлина Велјанова“

02 Фев 2018
184 пати

Советот на Општина Кочани даде согласност за отворање три нови воспитни групи во Детската градинка „Павлина Велјанова“ во Кочани. Целта е да се зголеми

капацитетот и да се задоволат потребите за прифаќање на децата од Кочани.
Со ова се создава можност да се оформат две воспитни групи во објектот „Ѕвездички“, во населбата Усова Чешма и една во објектот „Цветови“ кај Градскиот пазар. Во новите воспитни групи ќе бидат згрижени педесетина деца од листата на чекање на која веќе се запишани 147 деца.
Директорката на „Павлина Велјанова“, Лидија Серафимова веќе има поднесено барање до Министерството за труд и социјала за вработување нов кадар: воспитувачки, негователки и технички персонал. Според Серафимова, согласно Законот за заштита на децата, за да се одговори на потребите за згрижување на деца во градинка, може да се прилагодат и други просторни услови, особено за децата во предучилишна возраст.
Во четирите објекти во Кочани и еден во Оризари, кочанската градинка моментно згрижува 720 деца на возраст од 0 до 6 години, а во неа има 86 вработени од кои 55-мина се кадар за воспитно-згрижувачка дејност, а останатите се администартивно-технички персонал.
Изминатово тримесечје Општина Кочани изготви проект за нова детска градинка во населбата Драчевик, чија изградба ќе ги реши актуелните потреби за згрижување на децата од предучилишна возраст, не само од Кочани, туку и од соседните општини.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.