Градоначалниците од Источна Македонија ќе разменат искуства за управување на заштитени подрачја од своите колеги во Југозападна Бугарија

24 Јан 2018
326 пати

Единаесет градоначалници од Источниот плански регион (ИПР) на Македонија, претставници од

Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП „Македонски шуми“ како и претставници од Центарот за развој на ИПР од 25 до 27 јануари 2018 година ќе ги посетат парковите на природата „Беласица“ и „Рилски Манастир“ и градоначалниците на Петрич и Благоевград од Република Бугарија, со цел размена на искуства во однос на управувањето со заштитените подрачја.
Студиската посета ја организира Програмата за зачувување на природата во Македонија со цел клучните чинители од ИПР да се запознаат подетално со начините на кои се управува со заштитени подрачја со различни категории на заштита. Во оваа прилика градоначалниците директно од нивните бугарски колеги ќе имаат можност да слушнат за предизвиците и придобивките со управувањето со заштитените подрачја, управувачките структури како и за искуствата на локалното население коешто живее во парковите. Размената на вакви искуства ќе биде особено значајна во процесот на прогласување на нови заштитени подрачја во сливот на реката Брегалница.
Во регионот на Благоевград и општина Петрич постојат различни категории на заштитени подрачја коишто одговараат на предложените подрачја за заштита во ИПР на Македонија (пр. парк на природа и споменик на природа). Паркот на природа „Беласица“ е прогласен во 2007 година и е познат по зголемениот број на активности за промоција на природните и културните вредности на регионот. На средбите со градоначалниците од Петрич и Благоевград се очекува да се дискутира и околу придобивките, предизвиците за развој на рурален туризам како и можноста за користење на дополнителни фондови кои ги зголемуваат економските придобивки на населението.
Програмата за зачувување на природата во Македонија е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (Swiss Agency for Development and Cooperation-SDC). Една од клучните цели на Програмата е подобрување на состојбата со природните вредности во сливот на река Брегалница (што просторно-административно го зафаќа делот на Источниот плански регион - ИПР во Република Македонија), преку воспоставување на заштитени подрачја и други активности. Координатор на Програмата е Фармахем Скопје, стратешки партнер е Центарот за развој на Источниот плански регион, а спроведувач на активностите е Македонското еколошко друштво.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.