Се затвора депонијата кај Бели, сметот ќе се носи на претоварна станица кај Превалец

12 Јун 2017
1259 пати

Министерството за животна средина и просторно планирање и општините од Источниот и

од Североисточниот плански регион, со поддршка од ИПА-програмата, односно со средства од Европската Унија реализираат проект за воспоставување интегриран регионален систем за управување со отпад во овие два региона.

На јавната расправа што се одржа во Кочани беше презентирана Студијата за оценка на влијанието врз животната средина на локацијата којашто е предвидена за изградба на регионалната депонија што ќе ги опслужува овие два региона.

- Ние го претставивме концептот за управување со еден ваков интегриран регионален систем и трансфер-единиците коишто треба да бидат изградени, тоа се претоварни станици за комунален отпад, бидејќи отпадот од помалите општини ќе оди на одредена претоварна станица, а оттаму ќе оди на регионалната депонија којашто е предвидена да биде изградена во општината Свети Николе, поточно во Мечкуевци-Арбашанци, рече Ана Каранфилова-Мазневска, раководителка на Секторот за управување со отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во презентацијата беа опфатени аспектите во смисла на заштита на животната средина, и беше истакнато дека ваквиот начин за управување со отпад ќе придонесе за подобра животна средина, поинаков од денешното несоодветно управување со комуналниот отпад во општините.

Со реализацијата на овој проект, сегашната Градска депонија во близината на селото Бели ќе згасне, а комуналниот отпад од Кочани ќе се носи на претоварна станица чија локација е предвидено да биде кај Превалец – Истибања, од каде што ќе се носи на регионалната депонија во Свети Николе.

Според Каранфилова-Мазневска, во рамките на овие проекти се реализира уште еден кој се однесува на набавка на опрема – контејнери за граѓаните и возила за комуналните претпријатија, чие финансирање е со европска помош.

Набавката на опремата треба да се реализира на почетокот на наредната година, додека изградбата на регионалата депонија и изградбата на трансфер-станиците би требало да почне на крајот на 2018 или во 2019 година.

Оценете ја оваа вест
(1 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.