Со проекциите во Виница и Пекљани заврши Патувачкото кино на „МакеДокс“ 2021

07 Сеп 2021
351 пати

Со проекции на документарни филмови на 3 и 4 септември во Виница и Пекљани, заврши годинашното Патувачко кино на „МакеДокс“. Патувачкото кино се одвиваше во викенд-формат во текот на јули, август и септември, и посети седум населени места во Источниот плански регион на државата.

Проекцијата во Виница се одржа на 3 септември пред Домот на културата „Тошо Арсов“.

Градот Виница е најпознат по Виничкото кале, бројните археолошки локалитети и фантастичните ранохристијански теракотни икони. На културен план позната е манифестацијата „Ин Виница веритас“.

-Во тивкиот, мирен и питом амбиент на градот Патувачкото кино на „МакеДокс“ најде срдечен прием, а покрај многубројната млада публика меѓу посетителите на проекцијата беше и Асан Алиу, поранешен кинооператер на некогашното кино во Виница. Алиу уживаше во проекцијата на документарни филмови, но се потсети и на времето кога тој ги менувал филмските ленти на проекторот во киното што веќе 15-ина години не работи, соопштија од „МакеДокс“.

Селото Пекљани пак, се наоѓа на околу 12 километри југоисточно од Виница. Сместено на падините на Обозна Планина селото е постојано населено уште од времето на Османлиското владеење. Во селото има и црква и теќе, но и споменик од НОБ. Во овој период се населени околу 150 куќи, а проекцијата на Патувачкото кино се одржа во дворот на подрачното училиште „Никола Парапунов“.

-Најубави чувства кај екипата на „МакеДокс“ се создаваат кога целото село ќе дојде на проекција. Меѓу посетителите го сретнавме актерот Столе Мицов од Театар Комедија, додаваат од  „МакеДокс“.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)