ОУ „Малина Попиванова“ го одбележува својот патронен празник

07 Апр 2021
223 пати

Денес, 7 Април, е Патронен празник на нашето училиште „Малина Попиванова“, ден кој требаше да го одбележиме

со низа активности, , ќе се дружевме, ќе се насмеевме, ќе покажевме што знаеме, ќе се гордеевме...Ќе оддадевме почит на оние кои дале придонес низ сите овие години.Но, она што денес е најважно за сите нас е здравјето, пред се на нашите ученици, на вработените, на родителите. Затоа нашите ученици земаа активно учество во одбележување на Патронот работејќи од дома.
Училиштето во чест на Патрониот празник организираше литературен и ликовен конкурс на тема„ Животот и делото на Малина Попиванова.“ И оваа година вредните ученици создадоа прекрасни творби низ стих и цртеж, вели во своја објава на фб – профилот директорот на кочанското ОУ, Благојчо Петров.
Наградени ученици на литературниот конкурс се:
• Матеј Алексов – III-1 одд. – прва награда
СИЛНА ДЕВОЈКА, МАКЕДОНКА
Во мугрите на дваесетиот век,
се роди силна девојка, Македонка.
Утрото ја задои со мајчината солза
и тешката клетва од вековното ропство,
мирот да го бара низ туѓиот свет,
а Македонија секогаш да биде нејзиниот лек.
Годините минуваа, луѓето не застануваа,
идеи се редеа, идеалите се возвишуваа,
а во чистото срце на малата Малина,
желба се роди,
СЛОБОДАТА,
секаде да се вдоми.
Далеку од татковината, далеку од своите,
живееше за татковината, окована во далечината,
силни пораки праќаше за своината.
Татковината не е таму каде што е подобро,
туку таа е таму каде што боли душата во длабочината!
И затоа голем јунаку мој,
гордо стојам пред споменикот твој,
од срце ти пеам преку стихот мој,
почит ти оддавам за подвигот твој!
Изработил: Матеј Алексов 3-1 одд.
• Горица Јанева – VII-1одд.- втора награда
За Малина Попиванова
Со храброст огромна и голема сила,
за борба подготвена секогаш си била.
Гордост за нашата земја мила,
прва македонка во Свердлов си била.
Големо е твоето име за нас,
почитта наша е голема за вас.
Моето училиште го носи твоето име,
во него секој плодот на трудот свој го кине.
Благодарни сме ние за твојот голем труд,
во борбата не спаси од непријателот лут.
Патронот твој ние го славиме,
со цвеќе в рака почит ти оддаваме!
Изработила: Горица Јанева VII1одд.
• Ива Ситновска – VIII- 1 одд. – трета награда
Пред бистата
Илјада деветстотини и втората
пролетната убавина нежно блика
се раѓа денот во боите на изгрејзората
со новата детска лика.
Сјајна ѕвезда по небото броди
Малина се роди
годините ко гулаби прелетуваа
безгрижен живот ветуваа.
Денес пред бистата
ставам буќет цвеќе,
но, твоето дело заслужува
многу повеќе.
Пред твојат биста
благодарност се лее
од уво до уво
насмевката твоја не грее.
Изработила : Ива Ситновска 8-1 одд.
Пофалени ученици се: Ангела Китанова 8-4 одд, Мила Јосифова 3-1 одд. Елеонора Манасиова 9-2 одд. Радмила Стоименова 7-2 одд. Дафне Тоевска 3-2 одд. Матеј Стоилков 4- 2 одд. и Мелани Ѓоѓиева 4-2 одд.
На сите учесници им благодариме за учеството и им посакуваме многу успеси во иднина.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)