Промовирана книгата „Употребата на македонскиот јазик во јавното општење во медиумскиот простор во Кочани и Кочанско – состојби и перспективи“

25 Дек 2019
157 пати

Во издание на Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков од Скопје, вчера во Кочани

беше промовирана книгата „Употребата на македонскиот јазик во јавното општење во медиумскиот простор во Кочани и Кочанско – состојби и перспективи“ од Љубинка Ајтовска. Според професорката Снежана Веновска-Антевска, која беше еден од промоторите на книгата, се работи за важен авторски труд што ја отсликува состојбата и начинот на употребата на македонскиот јазик, почитувањето на стандардната јазична норма и улогата на дијалектите и разговорната јазична форма во медиумите во кочанскиот регион. -Со примери од конкретната средина се сопоставени нормата и практиката, со што во директен сооднос се поставени јазикот и нивото на свесноста за сопствениот јазик од корисниците, наспрема насоките и препораките на лингвистите. Преку оваа книга ја согледуваме и моќта на медиумите, кои не само што го креираат јавното мислење, туку влијаат и врз однесувањето на луѓето, начинот на живеење, на нивото на јазична свест, па дури и на нивото на национална свест, што на крајот ја гради личноста. Со оглед на таквата нивна моќ, важно е да се внимава на јазичниот израз, за да се влијае врз заштитата на јазичната култура, а со тоа и на националниот идентитет. Сето она што е собрано и обработено во книгата ги задоволува високите научни стандарди, поради што таа се најде во едицијата на посебни изданија на Институтот за македонски јазик, истакна Веновска-Антевска. За значењето на книгата зборуваа и промоторите Марија Соколова и Доне Донев, при што нагласија дека таа може да најде примена кај сите кои медиумски се експонираат или на кој било начин се поврзани со медиумите и јавното општење. На крајот од промоцијата беше заклучено дека македонскиот јазик има свој извор во богатството од дијалектни форми, но има и иднина, за што треба да се обезбеди соодветна грижа за него, а одличен пример за тоа е книгата „Употребата на македонскиот јазик во јавното општење во медиумскиот простор во Кочани и Кочанско – состојби и перспективи“.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.