Промоции...Меги Велкова – Тајната на сините очи е во љубовта

28 Сеп 2019
152 пати

Меги Велкова ја претстави својата книга првенец Тајната на сини очи, со која го доби Признанието за

афирмација на македонскиот јазик и литература што го доделува Здружението за книжевен развој „Нов Вавилон“ од Битола, кој истовремено е и издавач. Промоцијата се одржа во ЦК „Бели мугри“ во Кочани синоќа, а Никола Илијоски, претставник на „Нов Вавилон“, ја имаше улогата на промотор. Габриела Стефановска, стручен соработник за книжевно – издавачка дејност во кочанската Национална установа ги водеше учесниците низ програмата. Песни од „Тајната на сини очи“ читаа членови на Тетатарската работилница на „Бели мугри“, со која раководи актерката Силвана Јаневска.
„Возбудена сум и многу среќна. Кога би можела сета среќа и возбуденост да ја ставам некаде би го направила тоа, бидејќи ова е моја прва книга. Возбудата е посебна и среќна сум бидејќи тука се сите мои блиски и пријатели“, изјави авторката Меги Велкова, ученичка во четврта година во ПСУ „Сабо“ во Штип, отсек, информатика.
„Книгата се вика ’Тајната на сини очи’ и во неа се поместени триесетина песни. Целата инспирација да ја напишам таа книга и тие стихови, е, нормално, љубовта. Тајната која се крие во книгата е секако љубовта , бидејќи јазикот на љубовта се наоѓа во очите и мене ми е мило што се сите овде и се надевам дека ќе уживаат во книгата како што јас уживав додека ја пишував. Ова е само почеток од нешто, се надевам дека понатаму ќе има и други книги“, нагласи Велкова.
„Ние распишавме конкурс за необјавена книга во две категории. За млад и повозрасен автор. Меги се пријави во категоријата поезија од млад автор. Уредништво оцени дека книгата располага со оригинален и автентичен поетски стил, со добра јазичко-стилска поставеност што го прави делото да се одликува со трајни уметнички вредности. Заеднички констатиравме дека се работи за доста талентиран автор кој би можел да напредува во иднина ако работи на себе. Затоа, таа го доби највисокото признание на конкурсот“, појасни промоторот Никола Илијоски, претставник на „Нов Вавилон“, издавач на книгата на Меги.
„Тајната на сини очи“, според Илијоски, е вредна поезија во која доминираат песни со љубовна и авто-биографска содржина кои што се типични за младите автори. Книгата претставува одличен почеток за освојување на книжевната сцена во републиката“, подвлече претставникот на „Нов Вавилон“.
Промоцијата се одржа во салонот на спратот во ЦК „Бели мугри“, кој едвај ги прифати и смести сите присутни.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.