Од 5 до 13 јули во Кочани ќе се одржи културната манифестација „Петровденски конаци“

04 Јул 2019
373 пати

В петок, на 5 јули, со концертот „Танго звуци“ на музичкиот состав „Виварт“ ќе започне овогодишната, 12. културна

манифестација „Петровденски конаци“ што ја организираат Центарот за култура „Бели мугри“ и Општина Кочани.
На отворањето, кое е закажано за 20:45 ч. на Летната сцена на „Бели мугри“, ќе говори градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, а истата вечер, покрај кејот на Кочанска Река ќе се изведе ликовен перформанс со Андријана Мациев.
Во рамките на деветдневната културна програма, до 13 јули, се планирани повеќе музичко-сценски, литературни и ликовни содржини, меѓу кои е и концертот на „Пет плус бенд“ – содржина наменета за најмладите кочанци и настапот на Влатко Стефановски Трио на платото во Трговскиот центар, настани што ќе се одржат в петок на 12 јули.
Во пресрет на Петровден, вечерта на 11 јули, по вечерната богослужба во храмот „Св. великомаченик Георгиј“, ќе се изведе литија до Градскиот парк, по што ќе следува Духовна акдемија на која ќе настапат црковни хорови и етносоставот „Вез“.
Традиционалната влашка етносредба „На Петровден сите на планина“ ќе се одржи на Пониква, на 13 јули со почеток во 11 ч., а фолклорни содржини се планирани и за понеделник, 8 јули, кога во Центарот за култура „Бели мугри“ ќе биде отворена изложба на ракотворби, а во 20 ч., под наслов „Фолклорно надигрување“ на Летната сцена ќе настапат повеќе културно-уметнички друштва.
Љубителите на кочанскиот бенд „Hood“ ќе можат да уживаат во нивниот концерт в недела, на 7 јули, а средата е резервирана и за модерните танци на „Get fit street dance“, како и за фестивалот на детска песна „Музички бранови“.
Актерката Весна Петрушевска ќе ја одбележи 22-годишнината од нејзината кариера и во Кочани, со стенд-апот „Влези не се соблакај“, претстава што ќе се изведе во вторник, на 9 јули во 20 ч. во салата на „Бели мугри“. Промоцијата на делото „Храм на Бендида – Виничко Кале, том 1“ од Сашко Темелков е в среда, на 10 јули од 19 ч. во фоајето на Центарот.
Манифестацијата „Петровденски конаци“ финансиски е поддржана со средства од буџетите на Општина Кочани и на Министерството за култура.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.