Ѕмбова Донева се претстави со „Урбани пејзажи“ – „Животот е уметност“

19 Мај 2019
171 пати

Во убава атмосфера и во присуство на завиден број гости и нејзини пријатели во фоајето на спратот во ЦК Бели мугри, Нада Ѕмбова Донева, ја

претстави својата изложба од слики насловена „Урбани пејзажи“.
Станува збор за дваесетината дела работени во техниката акрилик на платно. Ѕмбова Донева, како што самата вели, користела мотиви од урбаната средина претставени во колорит и форми инспирирани од доживувањата на погледите од различни локации и височини во Кочани и во Скопје.
Според Јулијана Иванова, рецензентка на изложбата, фасцинацијата од урбаниот простор ја носи авторката кон експериментирање, со апстрактен јазик на гестикулации и слоевити линии – крајниот резултат е нова естетика како израз на авторската размисла и имагинарност.
„Уметноста и творештвото, науката и биологијата се нераскинливо сврзани. Тоа што уметноста ги соединува човекот и природата е познат факт. Уметноста, исто така, ги прави луѓето свесни за нивната унија еден со друг во потеклото и судбината. Животот е уметност, уметноста е живот“, рече Ѕмбова Донева пред гостите во фоајето на „Бели мугри“, зборувајќи за врската меѓу нејзината професија и сликањето. Таа, инаку, е професорка по биологија.
Првата самостојна изложба на Нада Ѕмбова Донева е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.