Заврши ДАФ на Македонија Кочани 2018 – „Меѓу нас е тивко“ на Интимен театар го доби Гран прито

03 Јун 2018
423 пати

Наградата Гран при „Васил Ќортошев“ за најдобра претстава ја доби „Меѓу нас е тивко“ на Младинската сцена при Интимниот театар

од Битола, Владимир Јовановски доби две награди, една за најдобра претстава за деца и една за режија, наградата за најдобра главна машка улога отиде кај „Адвокатот Патлен“, а за најдобра женска кај претсавата „Велика“. Гостите од Прокупље, од Аматерското позориште „Хранислав Драгутиновиќ“, за претставата „Ана је чекала“ добија признание за уметничка иновација и истражување во аматерскиот драмски израз. Автор на текстот е Србијанка Станковиќ, а режисер Тијана Петровиќ.
Свеченоста се одржа синоќа во ЦК „Бели мугри“ во Кочани, а наградите ги додели Горан Стојановски, член на оценувачката комисија, во која, покрај него, беа и Наталија Теодосиевска и Билјана Крајчевска, тројцата драмски уметници.
Автори и режисери на наградената со Гран при претстава „Меѓу нас е тивко“ се Ана Жежовска, Валентин Дамчевски и Симеона Павловска. „Од трње до ѕвезди“ на Летечката театарска трупа од Тетово е најдобрата претстава за деца. Автор на текстот и режисер е Владимир Јовановски. Во негови раце отиде и наградата за најдобра режија за претставата „Дом за старци“ на истата театарска трупа од Тетово. Автор на текстот и режисер и на оваа претстава, исто така, е Јовановски.
Кристијан Јорданов за врвното актерско мајсторство во улогата на Патлен во претставата „Адвокатот Патлен“ од непознат автор во режија на Слободанка Чичевска и во изведба на Младинското драмско студио „Прличко“ од Велес, ја доби наградата за најдобра главна машка улога. Тина Танчева за ликот на Велика во претставата „Велика“ од Петре М. Андреевски на ЈОУ „Бранд Петрушев“ од Богданци, во режија и адаптација на Кире Ѓорѓиев, е носителка на наградата за најдобра главна женска улога.
За ликот на Слугинката во претсвата „Пеликан“ на Драмското студио при ЦК „Бели мугри“ од Кочани од Аугуст Стриндберг во режија на Перо Даниловски, Марија Ѓорѓиева, го доби признанието за најдобра епизодна женска улога, додека наградата за најдобра епизодна машка улога ја прими Стефан Николовски. Тој го играше Тибо во претставата „Адвокатот Патлен“ на Младинското драмско студио „Прличко“ од Велес.
Од оценувачката комисија специјални признанија добија Филип Ѓорѓиевски за улогата на Ололо, Синиша Петровски за улогата на Лоло и Давид Михаиловски за улогата на Телоло за најавтентичен театарски израз и промоција на дијалекти во претставата „Токмаците и билбилот“, работена по народна приказна, а во режија на Мартин Милчевски и во изведба на ООУ „Ванчо Прке“ од Делчево.
За наредното 56-то издание на ДАФ, Николчо Иванов, доби бесплатни вип влезници за фестивалската седмица, бидејќи беше најредовен посетител на 55-то издание кое започна на 28 мај и траеше до 2 јуни.
На шесте фестивалки дена публиката во Кочани имаше можност да проследи вкупно 16 драмски изведби во официјална конкуренција, плус „Чао пријатно“, која беше одиграна ревијално последната вечер.
Во придружните манифестации се одржа „Револушн фест“, беа промовирани книгите „Македонска рок енциклопедија“ од Тошо Филипов и „Панкот е мртов“ од словенечкиот автор Томаж Космач. Гостуваше и Марко Брецељ, фронтмен на некогашната панк и рок група „Булдужер“, имаше ликовен перформанс „Планеризам“ што го направи Орхан Ќамилов, работилница за глина и епоксидна смола, базар на креативни уметнички индустрии, актерска работилница, театар на сенки и многу музички настапи во вечерните часови на просторот пред влезот на ЦК „Бели мугри“ во Кочани.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.