Градоначалникот Илијев на отворањето на ДАФ – Фестивалот го димензионира Кочани како центар на драмскиот аматеризам

29 Мај 2018
372 пати

Драмскиот аматерски фестивал, неговото 55 – то издание, започна синоќа во ЦК „Бели мугри“ во Кочани. Готовори градоначалникот

Николчо Илијев. „Фестивалот му дава уметнички белег на Кочани, го димензионира како центар на драмскиот аматеризам и претставува значаен дел од глобалниот мозаик на македонскиот театар. Градот на оризот ја презеде организацијата од тогашните драмски смотри во далечната 1977 година, а со тек на времето фестивалот се преформира и широко ги отвори вратите на организиран и културен развој на аматерската, а подоцна и на алтернативната сцена кај нас. Така во 1992 година, смотрите станаа ФААТ, а 18 години по ред е ДАФ на Македонија – Кочани. Годинава на наше големо задоволство, ДАФ доаѓа со голем бран освежување. Многу од придружните настани кои му даваат живот, се поставени на отворено, поблиску до публиката. Доаѓаат звучни имиња да промовираат дела, се организираат настани на креативни индустрии. Очекуваме деновите што следуваат да бидат културен празник за Кочани, за кој многумина ќе најдат мотив да бидат дел од нив. Несомнено е дека оваа програмска понуда на ДАФ ќе ја дополни листата на врвните театарски и воопшто уметнички имиња кои оставиле печат на фестивалот. Да потсетиме дека на оваа сцена биле врвни режисери, актери, театролози, театарски критичари. Меѓу нив се и Александар Алексиев, Иван Ивановски, Васил Ќортошев, Илија Милчин, Горан Стефановски, Илија Џувалековски, Дарко Дамевски, Снежана Коневска – Руси, Мето Јовановски, Нада Гешовска, Мери Бошковск, Игор Џамбазов... Овде би сакал да ја нагласам и роднокрајната фестивалска нишка. Кочани изнедри голем број професионални актери и режисери благодарејќи токму на ДАФ. Ќе споменам само дел од нив: Трајче Георгиев, Горан Додевски, Кристина Атанасова – Арсова, Анѓелчо Илиевски, Нина Максимова, Благојчо Веселинов, Наталија Теодосиева. Убеден сум дека доаѓаат уште многу вакви, така е затоа што ДАФ е фестивал во којшто искрено се негува љубовта кон театарот.
Почитувани гости, ценети љубители на театарот, проширувањето на меѓународната културна соработка преку оваа манифестација е уште еден значаен момент од градењето на културните релации и вклопувањето во современите културни текови. Во рамките на локалните културни политики, Општина Кочани останува да го подржува ДАФ како финансиски, така материјално и кадровски. Очекуваме ДАФ да остане поттик за размена на нови искуства, за воспоставување и јакнење на соработката на домашен и меѓународен план, за многу пријатни мигови“, нагласи Илијев.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.