Прес на првите луѓе на ДАФ – На 28 мај Фестивалот го отвораат гостите од Сежана

22 Мај 2018
217 пати

„Со претстава од Словенија, „Бегај ѓаволе, жена ми доаѓа“ на Културното друштво „Шатор Шторје“ од Словенија, в понеделник, на 28 - ми мај, со почеток во 19 ч., стартува

официјалната програма на 55 - от Драмски Аматерски Фестивал на Македонија во Кочани. ДАФ годинава носи 16 аматерски претстави од исто толку ансамбли и една професионална, скопската хит комедија, „Чао Пријатно“, која ќе го затвори Фестивалот на 02 јуни во сабота“, рече вчера на прес – конференција што се одржа во Театарот „Комедија“, Дарко Спасов, претседател на Управниот одбор на најстарата драмска манифестација во државата, објавувајќи ја официјалната програма.
„55 -то издание на ДАФ ќе биде засилено со придружни манифестации, многу гости, промоции на книги, работилници, ликовни перформански, театар на сенки... Посебна гордост годинава ни е гостувањето на словенецот, Марко Брецељ, ексцентричен, мултимедијален уметник, попознат како поранешен фронтмен на сега веќе култниот југословенски рок бенд од 70 - те и 80 - те „Булдужер“. Брецељ доаѓа, во четврток на 31 - ви мај, заедно со словенскиот писател, Томаж Космач, за промоција на неговата книга „Панкот е мртов“ (Punk is Dead). Уште еден настан кој е посебен за кочанската публика, е премиерната промоција во родниот град на, Тошо Филиповски, на капиталното дело „Македонска рок енциклопедија“. Настанот ќе се случи в сабота, на 1 – ви, јуни со почеток во 21:30 часот“, нагласи Спасов.
ДАФ годинава од внатрешноста се шири кон предворјето на Центарот за културата, односно во градскиот парк или „Паркот на Револуцијата“. Таму, тридневен ликовен перформанс, насловен „Планеризам“, ќе има уметникот Орхан Ќамилов, потоа Марија Манева ќе има работилница за смола и глина, а професорката Зоја Бузалковска заедно со Степанулески Александар, ќе води тридневна актерска работилница. Музичкиот дел ќе биде обединет под наслов „Револушн Фест“, во кој ќе настапат скопскиот џез состав „Летечки Пекинезери“ (понеделник, 28 мај), в среда, на 30 мај, диџеј сет ќе има Гоце САФ, а концертниот дел во четврток, 1 мај, ќе го затворат битолчаните „Брас Брадрс“ (Brass Brothers).
„Ние, искрено се надевам дека годинешната програма ќе мотивира некој кој не е од Кочани да го посети малиот град на истокот со големо срце, во време на Фестивал. Го имаме прекрасниот Споменик на Слободата на Глигор Чемерски, вештачко езеро кое е како природно, река која го дели градот на два еднакви дела, еклер - 5 денара и 6 - дневен културен настан на почеток на летото. Совршен опис за годинешното мото на фестивалот: Ars Longa, Vita Bravis или Уметноста е долга, животот е краток. Ако тоа не е доволно, влезниците се 50 денари“, го опиша на пресот својот роден град - Кочани, Дарко Спасов, инаку, вработен во театарот „Комедија“, како драматург .
На денешната прес-конференција во Скопје зборуваше и извршниот директор на ДАФ, Благој Пенов, кој ја покани публиката и годинава во Кочани да го проследи најдоброто од драмските аматери во Македонија, збогатено со две претстави од опкружувањето, првата од Сежана, Словенија („Бегај ѓаволе, жена ми доаѓа“), која го отвара ДАФ 2018 и втората од Прокупље, Србија, насловена „Ана чекаше“, на Аматерското позориште „Хранислав Драгутиновиќ“.
Изборот на претставите годинава го направи Јасмина Билаловиќ, драмски актер, а водител на разговорите ќе биде Тодор Кузмановски, долгогодишен новинар на Македонското радио
Повеќе информации на dafkocani.com

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.