Се подготвува новогодишниот амбиент во Кочани

07 Дек 2017
676 пати

Новогодишното украсување на градот е во завршна фаза. За празничниот амбиент годинава се

користат постојните реквизити, кои со повеќе модификации ќе му дадат нијанси на различност на централното градско подрачје.
По нацрт на архитектот Александар Гицов, службите од КЈП „Водовод“ веќе изработуваат две нови метални конструкции, фигури што ќе бидат поставени на северната страна од Трговскиот центар во Кочани, како симболична капија за влез во Новата година.
Општинските служби што работат на терен известуваат дека досега се завршени 80 проценти од украсувањето. Поставени се реквизитите во Трговскиот центар и на двете главни кејски улици. Следува украсувањето на Кружниот тек и вметнувањето на новите елементи, по што во текот на идната седмица ќе биде вклучено новогодишното осветлување.
– Прекратко е времето да внесеме измени во начинот на уредувањето и одбележувањето на новогодишните празници во Кочани. За догодина веќе имаме идеи за кои разговаравме и со претставници од граѓанските здруженија, заеднички да реализираме едноставно и пригодно дочекување на Новата година. Сметам дека треба да пренесеме веќе познати искуства со кои ќе воведеме традиција што е позната во европските градови – соопшти градоначалникот Николчо Илијев.
Главниот белег на овие празнувања во Кочани е традиционалниот Новогодишен концерт на ОМУ „Ристо Јуруков“, кој годинава ќе се реализира под мотото „Волшебна ноќ“.
За новогодишниот амбиент, Општина Кочани ќе намени минимални средства за монтажата на украсите, а дел од трошоците за Новогодишниот концерт ќе бидат покриени со спонзорство.

 

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.