Денес е Прочка – почнуваат Велигденските пости...

14 Мар 2021
279 пати

Православните христијани во недела го пречекуваат последниот ден од покладите и од денеска ги започнуваат четириесетдневните пости за најголемиот христијански празник Велигден. Но постот значи не само откажување од мрсна и обилна храна, туку и контрола на страстите, и откажување од алкохол.

Во текот на посебниот чин на проштевање, кое на овој ден се одвива во сите храмови, свештенослужителите читаат молитви за Господ да им помогне на луѓето достојно да го одржат Великиот пост. Потоа, според традицијата, свештенството, вклучително и архиепископот, бараат прошка од сите луѓе во црквата, а мирјаните бараат прошка од свештениците, од своите блиски и познати.

Традицијата на барање проштевање пред почетокот на Велигденските пости во православниот свет има свои корени во древните палестински и египетски манастири. За време на Великиот пост монасите го напуштале своите братства и постот го минувале длабоко во пустината подвизувајќи се како пустиници. Пред излегувањето од манастирот сите монаси се собирале и барале прошка еден од друг ,а потоа се распрснувале за да ги извршат своите подвизи.

Исто така, на Прочка за време на богослужбите се „воспоменува Адамовото изгонување“, библиски настан, неопходен, според учењето на Црквата, за почетокот на историјата на Земјата: изгонувањето на Адам и Ева од Рајот поради непослушноста кон Бога.

Значењето на оваa недела за христијаните е во приближувањето кон Царството Небеско и плачот по загубеното блаженство. Црквата учи дека човекот мора да го погледне својот вистински дом, зашто животот на Земјата е само подготовка за средбата со нашиот небесен Татко, кон влегувањето во Царството Небеско, што всушност е исполнувањето на промислата на Бог за човекот.

Велигденскиот пост (или Великиот пост, како што го вика народот) е најстрог и најдолг. Трае од Прочка до Велигден. Тука се 40 дена (Четириесетница), од Чист понеделник до Лазарева сабота и уште Страстната недела од Цветници до Велигден, вкупно 48 дена.

Велигденскиот пост е единствениот што има подготвителен период од неколку недели. Најпрвин тоа е Неделата на митарот и фарисејот, потоа Неделата на блудниот син и најпосле Месопусната недела кога за последен пат е дозволено да се јаде месо.

Вистинскиот пост започнува со Чист понеделник, денот по Прочка. Но неделата пред Прочка се вика Месопусна недела, народот ја вика и месопусни поклади зашто тогаш се запокладува, (се запостува) со месо. Во текот на оваа недела се јаде сирење и други млечни производи поради што се вика и Сирна недела, некои ја викаат и Бела недела. Прочка се вика уште и Сирни поклади поради што од тогаш се пости и од млечни производи, а се вика и Проштени поклади, бидејќи тогаш луѓето меѓу себе си ги простуваат гревовите.

Инаку, бидејќи рибата не се смета за мрсна храна може да се јаде за време на Велигденските пости, но само на Благовештение и Цветници. Одобрувањето риба да се јаде на поголемите празници и за време на пост (како и виното и маслото) доаѓа од потребата од една страна да се запази постот, а од друга на празникот да му даде поголема свеченост во празнувањето.

Бидејќи Велигден, а со тоа и Велигденскиот пост се со променлив датум, ако Благовештение се падне пред Цветници дозволено е да се јаде риба, масло и вино, а ако се падне во Страдалната (Страстната) седмица тогаш не се јаде и риба.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)