ЌЕ РАСТАТ ЦЕНИТЕ НА МАСЛОТО И ЛЕБОТ ?

13 Сеп 2021
269 пати

Ќе скокнат цените на лебот и маслото за јадење. Граѓаните ќе се соочат со нови поскапувања.

Сега има драстично зголемување на цените на пченицата на светските берзи. Цените на сончогледот на светските берзи исто така брзо растат и од компаниите кои се занимаваат со производство на масло, веќе не е можно да се издржи ни со сегашната продажна цена во Македонија. Дел од пекарниците веќе ги зголемиле цените на лебот и белите печива, а дел тоа ќе го сторат во наредниот период. Пекарниците во внатрешноста на земјата уште се со старите цени, и велат дека лебот ќе поскапе за 2 или 3 денари. Објаснуваат дека целокупниот амбиент со поскапување на брашното, горивата, и ред други работи, водат кон тоа и тие да ги зголемат цените на производите. Сето ова ќе ги „удри“ по џеб граѓаните, кои ќе мора да одвојат повеќе пари месечно за задоволување на потребите.

 

И претходно во неколку наврати имаше поскапување на маслото за јадење, чија цена скокна и до 100 денари. Во земјава трошоците за живот растат. Граѓаните велат дека луѓето со повисоки примања нема да ги почувствуваат поскапувањата, но за работниците со минимални плати ќе биде најтешко.

„Нормално дека таа тема не засега и тоа многу. Тешко дека некој ќе ги натера газдите во приватен сектор да ги зголемат платите. Треба да се зголемат платите, или ако тоа не е можно,  да се преземат мерки цените да стагнираат, да не дојде до нивно зголемување. Цената на маслото за јадење извесно време поскапува, и тоа е  нешто најнеопходно за секое домаќинство“, коментираат граѓаните.

Трошоците на животот во август годинава се за 0,6 отсто повисоки во однос на јули 2021, а цените на мало скокнале за 0,4 проценти. Споредено со август 2020 година, пак, трошоците на животот имаат зголемување од 3,6 отсто, а цените на мало за 4,9 проценти.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)