Се „топи“ бројката на текстилни работници ...

10 Сеп 2020
643 пати

Во Штип, Скопје, Велес, Кочани се намалила бројката на текстилните работници.

Од Текстилниот кластер велат дека допрва ќе има откази, ако веднаш ќе се преземат мерки за помош на овој сектор, а долгорочно треба да се направи и стратегија за текстилната индустрија. Нови договори нема поради пандемијата на коронавирусот, поради што некои од фирмите или затвораат или отпуштаат дел од работниците. За колкава бројка на работници станува збор засега нема точен податок, затоа што состојбата се менува од ден во ден.

Маријана Перковска од Текстилниот кластер објаснува дека мора да се работи на подобрување на продуктивноста, да се подготви база, и компаниите да се преориентираат кон продажба на интернет.

„Просечната возраст на работничките е 45 години, продуктивноста е три пати помала од таа во Турција, а куповната моќ на граѓаните е таква каква што е. Требаше да се реагира пред 5-6 години, а сега ќе треба многу повеќе труд за да има ефект“, рече Перковска.

Таа додава дека фирмите веќе ги потрошиле резервите за Ковид -19. Смета дека во развиените земји како Германија многу повеќе се води сметка за овој сектор, отколку кај нас.

Малите конфекционери кои имаат помалку од 50 вработени велат дека кај нив ќе има минимални отпуштања, а на удар ќе бидат оние кои имаат 200 и повеќе работници.

„Секаде во фирмите, колегите се жалат дека е тешко. Работат со намален обем и имаат за 30 отсто помалку работа, затоа што нарачките им се откажани. Но, очекуваме дека ќе биде подобро во периодот кој следи затоа што сме пазар блиску до Европа“, објаснуваат од охридска текстилна компанија.

Македонскиот текстил завршува на пазарите во Германија, Швајцарија, Англија, Холандија.

Текстилната индустрија во земјава вработува околу 30.000 луѓе.

Од Текстилниот кластер летово предупредија дека наесен е можно да има отпуштања поради кризата со коронавирусот. Состојбата не е подобра ниту во кожарскиот сектор, од каде исто така имаше поплаки и најави за „црно сценарио“ наесен. 

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.