Го продлабочува ли кризата, јазот помеѓу богатите и сиромашните ?

20 Мар 2020
1232 пати

Испразнети улици, Градски трговски центар без луѓе, без работа, без случувања. Граѓаните на Кочани доследно

ги почитуваат препораките за заштита од Корана вирусот – Ковид 19, што е за поздравување.
Но, истите тие луѓе секој ден масовно ги посетуваат прехранбрените продавници, аптеките и големите маркети. Се чека на ред да влезат, а внатре пустош. Испразнети рафтови, се грабаат основните прехранбени продукти: зејтин, шеќер, леб и најмногу брашно. Неколкуте специјализирани продавници располагаа со тони и тони брашно од различни производители. Сега брашно нема ни за лек, нема да се купи ни килограм за запршка.
При нашата посета продавачите ни рекоа дека оние што имале дома по две вреќи брашно, купиле уште по пет, а поголем дел од потрошувачите се вратиле дома со празни раце. Ниту квасец нема во ниту еден дуќан во градот.
Каде се локалните власти да реагираат, или да излезат со смирувачко соопштение ?
Дел од сограѓаните се обратија до нашата редакција. Сега во услови на вонредна состојба на нашата земја, треба локално да бидеме сплотени и единствени. Да го изолираме градот од вирусот, но не и од основните прехранбени артикли. Оние што натрупаа залихи можат со месеци да ја издражат кризата, а останатите што добија откази, или се на принуден неплатен одмор, се снаоѓаат како знаат и умеат, бидејќи се препуштени самите на себе. Никој не ги прашува дали им треба нешто. Особено повозрасните и болните кои не успеваат да се справат со новонастанатата ситуација.
Никој не знае до кога ова може да трае, но како и да е, сите што можат, треба без задршка да им помагаат на оние кои не се во состојба сами да се справат со кризата. Или во превод – сега е моментот поимотните да покажат хуманост и донација за економски незгрижените граѓани. Затоа што сепак, на избори, гласот на сиромавиот е еднаков на гласот на богатиот. А токму повеќето што се сиромашни, допринесуваат за богатството на една шака поединци во општеството.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)