Сугарески на обиколницата кај Кочани – Во регионот вложивме 330 000 евра за патишта

05 Сеп 2019
223 пати

Механизација и работници на градежното претпријатие „Гранит“ денеска почнаа со гребење на коловозот

и со поставување нов асфалтен слој на обиколницата кај Кочани, што е дел од магистралниот пат А3.
Се работи за проект на Јавното претпријатие за државни патишта и на Министерството за транспорт и врски, а со кој е предвидена целосна реконструкција на обиколницата, изградена пред околу три децении. Во придружба на градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, увид во текот на градежните работи направија министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов.
-Со градежните работи ќе се рехабилитира асфалтниот слој на обиколницата, чија должина е околу 6,5 километри и ширина од седум метри, а освен тоа ќе се санираат и трите моста во нејзин состав. Со тоа ќе се рехабилитира една важна делница која е многу фреквентна и е дел од сообраќајното поврзување на нашата држава со соседна Бугарија и корист ќе имаат не само жителите на Кочани, туку на целиот регион. Планираниот рок за завршување на градежните работи е до крајот на октомври, поради што очекуваме учесниците во сообраќајот да имаат разбирање и трпение поради краткотрајните застои, истакна директорот Китанов.
Министерот Сугарески рече дека со рехабилитацијата на обиколницата на Кочани ќе се заокружат планираните зафати во сообраќајната инфраструктра за оваа година во источниот дел од државата.
– Во овој регион вложуваме над 330 милиони евра за изградба на сообраќајната инфраструктура, како во делот на екпресните патишта, така и во рехабилитацијата на постојните магистрални и регионални патишта. Освен обиколницата, веќе е завршена реконструкцијата на дел од патната мрежа Кочани – Пониква, потоа Виница – Берово, како и до граничните премини кај Делчево и кај Берово. Во моментот се работи на реконструкција на преку 30 регионални патишта во државата, а уште десетина ќе продолжат за околу две недели. Се работи за сериозна бројка од околу 600 километри патна мрежа и со почнатата динамика тие во целост ќе бидат завршени, истакна министерот Сугарески.
Градоначалникот на Кочани, Илијев упати благодарност што после подолг период се рехабилитира обиколницата, при што истакна дека заедно со реконструкцијата на патот кон Пониква, за само една и пол година општината добила значителна поддршка од државата во сообраќајната инфраструктура. Притоа нагласи дека во нареднито период очекува финансиска помош од ресорното министерство за проектот за реконструкција на главниот цевковод од водоводната мрежа на Кочани.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.