Со Проектот за подобрување на општинските услуги - нови инвестиции во патната инфраструктура во Кочани

18 Мај 2019
195 пати

Општина Кочани ја доби писмената согласност од Министерството за финансии за почнување на процедурата

за долгорочно задолжување во рамките на Проектот за подобрување на општинските услуги, заем од Меѓународната банка за обнова и развој -Светска банка, од компонентата Општински инвестиции. Видот и целта на задолжувањето е подзаем за реализација на општинскиот проект „Асфалтирање на шест улици во градот Кочани и пет улици во рурални области“.
Износот на подзаемот е близу 45 милиони денари со рок на отплата до 13 години со вклучен грејс-период до 3 години и каматна стапка која е еднаква на каматата што ја плаќа Република Северна Македонија кон Светска банка.
Градоначалникот Николчо Илијев смета дека со овој проект може брзо да се одговори на потребите на граѓаните, а учеството во Проектот за подобрување на општинските услуги е форма со која кредитоспособните општини, како што е Кочани, можат да искористат неповратни средства.
– Потребите се повеќе од очигледни, бидејќи се работи за решавање на инфраструктурни проблеми кои ги имаат граѓаните на Општина Кочани. Ние конкуриравме со 11 улици од кои шест се во централното градско подрачје, а пет се во населените места. Тоа се подготвени проекти од Локалната самоуправа, кои одговараат на стандардите пропишани од страна на Светска банка. Светска банка ги посети сите улици и по нивната извршена контрола, сите проекти беа позитивно оценети што значи дека имаме начелно одобрување за задолжување или заем во висина од 45 милиони денари и неповратни средства по завршување на проектот од 27 проценти односно 12 милиони денари. Тоа значи дека Локалната самоуправа, по завршувањето на проектот треба да добие средства во износ од 57 милиони денари, а да врати 45 милиони денари во рок од 10 години, со каматна стапка од 0,1 %, што значи поповолно задолжување не можело да постои – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.
Со одлука на Советот, Општината влегува во оваа кредитна линија заради реализација на капитални проекти и инвестиции од јавен интерес, кој ќе биде утврден по спроведената јавна расправа.
– Со цел да ги исполниме сите барања на Светска банка, во вторник се организира јавна расправа со граѓаните, расправа на која ќе се дадат повеќе информации за улиците, за задолжувањето, намената, условите како и ефектите кои ќе ги има локалната самоуправа од средствата што ќе бидат позајмени од Светска банка – дадава Илијев.
Општинското раководство најавува дека и понатаму ќе работи на кредитоспособноста на локалната самоуправа за да може да одговара на идните поволни повици за побрзо решавање на сите инфраструктурни проблеми на граѓаните на Кочани.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.