Отворен Туристичкиот инфоцентар „Пониква“ на Осоговските Планини

02 Окт 2018
142 пати

На надморска височина на околу 1600 м, на Осоговските Планини, со проект на Центарот за развој на

Источниот плански регион поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зачувување на природата е изграден Туристичкиот инфоцентар „Пониква“.

На промоцијата на Инфоцентарот „Пониква“, во присуство на заменик-амбасадорот на Швајцарија Стефане Томажиан, амбасадорот на Европската Унија Самуел Жбогар и на министерите за локална самоуправа и за земјоделство, Сујхел Фазлиу и Љупчо Николовски, беше истакнато значењето на проектот за регионот.

– Инфоцентарот ќе придонесе кон промоција на природното богатство од Регионот и начините на неговото одржливо управување и користење, ќе даде значителен придонес и кон подигање на свеста за зачувување на природата и за збогатување на туристичката понуда на Источниот плански регион, со негово интегрирање со веќе познатите туристички атракции. На ваков начин, функционирањето на Инфоцентарот ќе придонесе и кон поддршка на локалниот економски развој – рече во обраќањето претседателот на Источниот плански регион и градоначалник на Кочани, Николчо Илијев.

На промоцијата, во дворот на Инфоцентарот „Пониква“ се вклучија и членовите од Извидничкиот одред „Ластовица“, со демонстрација на своите вештини.

Инфоцентарот „Пониква“ е изграден со реконструкција на стар воен објект, кој еден период функционирал како воена болница. Во првата фаза од проектот поддржан од SDC, извршена е реконструкција на зградата од фасада до внатрешно уредување.
На првиот кат во објектот туристите може да добијат информации, мапи, летоци и други печатени и промотивни видеоматеријали, сувенири за продажба. На катот е сала за состаноци и семинари и која може да се изнајмува, а средствата треба да се користат за одржување на центарот.
Со втората фаза е извршено надворешно уредување и дворот е наменет за интеракција на туристи, има инфотерминал и место за одмор.
Со овој проект е изработена веб-страницата www.osogovo.mk на која има податоци за осоговските туристички атракции, новости, настани и камера во живо со информации за моменталната температура, влажноста на воздухот, брзина и насока на ветерот.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.