Средба на надлежните служби со такси-превозниците во Кочани

22 Јун 2018
271 пати

Загрижени од состојбите во такси-превозот во Кочани, одговорните служби од Полициската станица – Кочани и Општина Кочани

организираа состанок со претставници на Здружението на такси-превозници и поединци што се занимаваат со оваа дејност.
Состанокот има за цел да помогне да се устројат работите според законските уредби и со заеднички активности што побрзо да се воведе ред во такси-превозот.
– Сликата за состојбата во такси-превозот во Кочани е лоша. Се возат нерегистрирани возила, возат возачи без возачки дозволи и без лекарски уверенија кои го рушат угледот на такси-компаниите и ни се нелојална конкуренција. Над сè се и новите законски одредби кон кои се прилагодуваат превозниците, а кои налагаат нови фискални каси – што значат и нови трошоци – рече претседателот на Здружението на такси-превозниците во Кочани, Јоце Каров.
Поради ова, Каров истакна дека ќе упати официјално барање до Општина Кочани и до градоначалникот да помогне сите надлежни институции да се усогласат во дејствувањето, затоа што, како што рече, во вакви услови такси-превозот во Кочани ќе згасне.
Од Полициската станица – Кочани ја истакнаа потребата за поголем ред и дисциплина и во самите такси-компании, зашто само со целосно почитување на законите од нивна страна, ќе може да се засили борбата против дивите таксисти.
– Факт е дека деновиве има засилени контроли на такси-превозниците од екипи составени од сообраќајната инспекција и полицијата, што се во функција на воведување ред во такси-превозот. Но, ние сме подготвени да соработуваме, зашто само така ќе може најлесно да се увидат неправилностите и да се работи на нивно отстранување – рече секретарот на Општина Кочани, Александар Јосифов.
Деновиве Општина Кочани излезе со повик до такси-компаниите и таксистите со изминати лиценци да ја продолжат важноста на лиценците за вршење такси-превоз на патници, како и на изводите на лиценците за возила со кои вршат превоз.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.