Премиерот Заев на средба со кочанските ученици-иноватори

21 Апр 2018
260 пати

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, заедно со директорот на Фондот

за иновации и технолошки развој (ФИТР) Јован Деспотовски, се сретнаа со ученици иноватори и нивните ментори и професори, кои како тим „MAKBot Pioneers“ ќе ја претставуваат Македонија на Светското првенство, во Детроит во САД, организирано од Асоцијацијата за препознавање на наука и технологија и од компанијата ЛЕГО.
Тимот „The MAKBot Pioneers“ е составен од девет ученика од сите основни и средни училишта од Кочани. Тимот функционира во склоп на СОУ „Гошо Викентиев“ и работи како дел на кабинетот по роботика.

Нивниот проект е посветен на употреба на неискористениот потенцијал на термичките води, кои кога се враќаат како отпадна вода, ја има вистинската температура за одгледување на алгата спирулина.

Изразувајќи огромно задоволство од средбата, премиерот Заев истакна дека е чест да се дружи со младите ученици, иноватори и нивните ментори, кои покажуваат на дело дека во Македонија може да се дизајнираат и создаваат корисни дела.

„Јас ги повикувам нив, но и сите млади, да работат, да создаваат и да креираат тука, во нашата Македонија. При тоа, се обврзувам дека Владата на Република Македонија ќе продолжи да ја интензивира поддршката за иновации, за информатичка технологија, за развој и за дигитализација на Македонија“, истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека преку Фондот за технолошки развој и иновации, но и преку сите други институции, преку реформите, преку образованието и преку Планот за економски раст, ќе пружаат безусловна поддршка на сите млади луѓе да ја развиваат својата креативност, својот талент и иноваторски дух.

„Овој тим од вредни, креативни и посветени ученици и нивниот пронајдок – Робот кој извршува задачи во областа хидродинамиката, ќе ја претстави и промовира Република Македонија на светската мапа на млади иноватори и затоа ја заслужуваат сета наша поддршка. Да им честитаме на учениците, но и на нивните професори и ментори кои се заслужни за успешно завршената работа“, рече премиерот Заев.

Посакувајќи им среќа на претстојниот светски натпревар, кој ќе се одржи од 25 до 28 април, премиерот Заев на тимот млади иноватори им порача дека веќе го имаат постигнато најголемиот успех со тоа што ја добиле шансата да се натпреваруваат во групата на 107 учесници од над 60 земји.

„Се договоривме, дека, без разлика на исходот на Светското првенство, ќе ми пишат и-мејл како си поминале и ќе ми пратат фотографии од Детроит“, додаде премиерот Заев.

Директорот на ФИТР, Деспотовски, истакна дека целта на Фондот за иновации и технолошки развој, е да вложува во младите, во нивната слобода и креативност и во можностите за нивно изразување за да можат резултатите да ги почувствуваат сите граѓани и целото општество. Тој додаде дека токму од тие причини, Фондот обезбедил финансиски средства за авионските карти на учениците, за да можат да разменат искуства во САД и за да ја покажат македонската иновативност таму.

Директорот Деспотовски, на иноваторскиот тим им додели и документ за регистрација на авторското дело, со цел да се заштити интелектуалната сопственост на младите иноватори.

Како благодарност за големата поддршка, тимот на младите иноватори и нивните ментори, на премиерот Заев и на директорот Деспотовски им дадоа подарок маици и испечатена благодарница.

Менторот, професорот Гордан Анастасов, изразувајќи благодарност за сите помагачи и спонзори, информираше дека тимот од млади иноватори работеле сами на идејата и реализацијата на роботот и проектот и освоиле одлични резултати на регионални натпревари во Србија и Словенија, по што се поканети на Светското првенство.

Ученикот Горјан Илијевски пред присутните ја престави работата на роботот направен од Лего коцки, со разни приклучоци во зависност од мисијата која треба да ја извршува.

Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Радио Кочани ФМ емитува сопствена програма, која според одредбите од Правилникот за форматите од радио и телевизиските програмски сервиси (застапеност на говорниот дел) спаѓа во редот на говорно-музичко радио со претежно информативен општ формат.